ОН ја повика Русија да обезбеди веродостојна истрага за смртта на Навални

од Radmila Tasevska
265 прегледи

Канцеларијата за човекови права на ОН ги повика руските власти да обезбедат спроведување веродостојна истрага за смртта во затвор на опозицискиот лидер Алексеј Навални, за што беше објавено денеска.

Портпаролката на канцеларијата, Лиз Тросел, рече дека ако некој умре во државен затвор, се претпоставува дека државата е одговорна, објави лондонскиот весник Гардијан.

„Таа одговорност може да се побие само преку непристрасна, темелна и транспарентна истрага спроведена од независно тело. Ги повикуваме руските власти да обезбедат спроведување на таква веродостојна истрага“, рече таа.

Рускиот истражен комитет веќе објави дека покренал истрага за смртта на Навални.

Тросел ги повика руските власти да прекинат со прогонот на политичари, бранители на човекови права, новинари…

„Сите приведени или осудени на затворски казни во врска со легитимното остварување на нивните права, вклучително и правото на слобода на мирно собирање и слобода на говор, треба веднаш да бидат ослободени и сите обвиненија против нив да бидат отфрлени“, рече Тросел.

Слични содржини