ОН ќе истражуваат можни воени злосторства во Украина

од Nikola Popovski
221 прегледи

Советот за човекови права на ОН гласаше за усвојување резолуција за започнување истрага за наводите против руските сили за воени злосторства во Украина. За резолуцијата гласаа 33 членови на Советот, додека само Кина и Еритреја беа против, додека 12 членки беа воздржани, пренесува Sky News.

Украина тврди дека идентификувала стотици осомничени воени злосторници по руската инвазија на земјата, започната кон крајот на февруари. Денеска телото на ОН за човекови права одржа итна седница во Женева на која беа разгледани доказите за наводно кршење на човековите права од страна на Москва.

Рускиот амбасадор во ОН во Женева ја критикуваше резолуцијата на ОН за започнување истрага за наводите против руските сили за злоупотреба и криминал во Украина.

„Наместо да разговара за вистинските причини што доведоа до кризата во оваа земја и да бара начини за нивно решавање, „колективниот Запад“ организира уште еден политички потфат за демонизирање на Русија“, изјави Генадиј Гатилов за Ројтерс.

Кинескиот амбасадор Чен Ксу исто така упатил критики. Тој се пожалил на „политизацијата“ на Советот и рекол дека резолуцијата може да „долее масло на огнот“ на тензиите во Украина.

Русија негира дека нејзините сили извршиле злоставувања. Русија минатиот месец беше суспендирана од Советот за човекови права на ОН, а нивното место за време на денешната седница беше празно.