Документарецот на Шон Пен, создаден веднаш по почетокот на едногодишната војна, беше премиерно прикажан во Берлин.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски доцна во вечерните часови на 24 февруари 2022 година, само околу 15 часа откако Русија почна да ја нападне неговата земја, најде време да го прими американскиот актер Шон Пен, што може да се види во неговиот филм „Супермоќ“ премиерно прикажан синоќа во Берлин, пишува „Јутарњи лист“.
Седејќи во празна соба без прозорци, Зеленски шпекулираше за мотивите на рускиот претседател Владимир Путин за инвазијата.
„Тој сака да умреме. Ја мрази Украина. Тој нè мрази“, рече Зеленски за рускиот претседател во централната сцена на документарниот филм „Супермоќ“ за украинскиот лидер, што беше прикажан на меѓународниот филмски фестивал во Берлин во петокот.
Филмот, во режија на Пен и Арон Кауфман, започнува неколку месеци пред инвазијата, а инспирацијата за филмот Пен ја најде во транзицијата на колегата Зеленски од филмскиот сет во канцеларијата на претседателот. Потоа, инвазијата драматично ја зголеми важноста на филмот и го претвори Пен во страстен застапник за Украина.