ОН: Нема да учествуваме во присилното раселување на Палестинците во Газа

од Stefanija Kuzmanovska

Обединетите нации (ОН) објавија дека нема да учествуваат во присилното раселување на Палестинците во Газа, нагласувајќи дека нема безбедно место за одење на територијата каде што е во тек израелската воена офанзива.

Портпаролот на ОН, Стефан Дижарик одговори на барањето на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху армијата да подготви план за евакуација на околу 1,5 милиони палестински цивили, кои избегаа од конфликтот во Рафа во јужниот дел на Газа, со цел да се продолжи операцијата против Хамас и известува дека од таа светска организација било побарана помош.

Дижарик синоќа изјави дека мнозинството Палестинци во јужниот дел на Газа не можат да бидат вратени назад во северните и централните области, кои се преполни со неексплодирани мини, каде што домовите се уништени, а хуманитарната ситуација е исклучително тешка поради минималната испорака на храна и други потреби.

Тој додаде дека соработката со израелските власти е „слаба“.

Дижарик нагласи дека „не постои место кое во моментов е безбедно во Газа“ и дека ОН сакаат да се осигурат „сè што се случува да биде направено со целосно почитување на меѓународното право, со целосно почитување на заштитата на цивилите“, и дека ОН нема да учествуваат во присилното раселување на луѓето.

Слични содржини