ОН објавија дека Русија одбива помош за погодените страни од рушењето на браната Каховка

од Stefanija Kuzmanovska
340 прегледи

Обединетите нации објавија дека Русија одбила помош за населението загрозено поради рушењето на браната Каховка во јужна Украина, а Москва вели дека оваа одлука е донесена од безбедносни причини.

Координаторката на ОН за хуманитарна помош за Украина, Дениз Браун, синоќа изјави дека организацијата е ангажирана заедно со Москва и Киев да ги ублажи последиците од уништувањето предизвикано од уривањето на браната, пренесува „Асошиејтед прес“.

Руската влада „го одби барањето за пристап до областите под нејзина привремена воена контрола. Ги повикуваме руските власти да дејствуваат во согласност со нивните обврски според меѓународното хуманитарно право“, рече Браун.

Кремљ денеска објави дека одлуката на Русија да ја одбие помошта на Обединетите нации во областите на Украина под руска контрола, поплавени од пробивањето на браната Каховка, е мотивирана од „безбедносни и други закани“, пишува „Ројтерс“.

Браната Каховка на реката Дњепар беше крената во воздух на 6 јуни, предизвикувајќи поплави низ јужна Украина и делови од Херсонската област контролирана од Русија, при што Украина и Русија меѓусебно се обвинуваат за нејзината делумна штета.

Некои аналитичари сметаат дека пробивањето на браната е обид на Русија да ја спречи контраофанзивата на Украина во регионот Херсон.

Слични содржини