Обединетите нации соопштија дека 123.538 луѓе во Газа биле интерно раселени, главно „поради страв, загриженост за заштитата и уништување на домовите“.
Канцеларијата за координација на хуманитарни прашања (OCHA) додаде дека 73.000 луѓе се наоѓаат во училиштата, пренесува Би-Би-Си.
Аднан Абу Хасна, портпарол на агенцијата на ОН за палестински бегалци (UNRWA), очекува бројот да се зголеми.
„Во училиштата каде што моментално се сместени има струја, загарантиран оброк, чиста вода, психолошка поддршка и лекување“, рече тој.
Во Газа живеат 2,3 милиони Палестинци. Пред да започне воздушни напади во саботата, Израел ги предупреди луѓето што живеат во одредени области да заминат.
„Им порачувам на граѓаните на Газа веднаш да ги напуштат овие места, бидејќи ќе дејствуваме со сите сили“, изјави во саботата израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху.