ОН: Правата на илјадници жители кои бегаат од Нагорно-Карабах во Ерменија мора да бидат заштитени

од Radmila Tasevska
242 прегледи

Мора да се заштитат правата на илјадниците жители кои бегаат од Нагорно-Карабах во Ерменија, истакна портпаролот на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, Стефан Дужарик, пренесоа француските медиуми.

-Генералниот секретар е многу загрижен за движењата на луѓето во Ерменија што ги гледаме по неодамнешните настани во регионот. Прво и основно, од суштинско значење е правата на овие луѓе да бидат заштитени и тие да ги добијат потребните хуманитарна помош, рече портпаролот.

Во исто време, француската министерка за надворешни работи, Катрин Колона, повика денеска на меѓународни дипломатски дејствија во пресрет на напуштањето на Ерменија од страна на Русија, пренесоа француските медиуми.

-Напуштањето на Русија од Ерменија и соучесништвото на Русија со воените операции преземени од Азербејџан го прават уште попотребно преземањето меѓународна дипломатска акција. ЕУ мора да ја земе предвид оваа реалност и да дејствува со нас за да го почитува територијалниот интегритет на Ерменија и да ги зачува правата на Ерменците од Нагорно-Карабах да живеат, доколку сакаат, притоа почитувајќи ги нивните историски права, во енклавата, рече Колона.

Таа потсети дека Париз ќе го смета Азербејџан целосно одговорен за судбината на ерменското население, прецизирајќи дека Франција ја поддржува Ерменија, која се обидува да прифати над илјадници луѓе кои доаѓаат од Нагорно-Карабах.

Париз одлучи да одвои повеќе од 12 милиони евра за бегалците и раселените лица во Ерменија и Нагорно Карабах.

Прашана за потенцијалните санкции против Азербејџан, Колона одговори дека Франција ќе преземе иницијативи во наредните денови, или на национално ниво, или на билатерално ниво со Ерменија, во ОН како постојана членка на Советот за безбедност или во ЕУ.

Колона го предупреди Баку да не ја попречува помошта.

-Нема да дозволиме пречки за нашата хуманитарна помош и ќе се спротивставиме на секој обид да се доведе во прашање територијалниот интегритет на Ерменија, рече Колона.

Слични содржини