ОН: Првиот конвој цивили од Азовстал пристигна во град под контрола на украинските сили

од Nikola Popovski
313 прегледи

Првиот конвој цивили кои со денови беа блокирани во железарницата Азовстал во Мариупол пристигна денеска во блискиот град Запорожје, кој е под контрола на украинските сили, соопштија Обединетите нации.

Обединетите нации соопштија дека 127 цивили пристигнале во Запорожје, евакуирани од железарницата Азовстал, последното украинско упориште во Мариупол, кое е под блокада на руските сили од 21 април.

Украинската вицепремиерка Ирина Верешчук изјави за новинарите дека неколку стотици цивили останале во Азовстал.

Во меѓувреме, украинските борци кои се во Азовстал наведуваат дека руската армија и проруските сили денеска започнале офанзива на таа железарница.

Откако руските сили го зазедоа Мариупол, на 21 април рускиот претседател Владимир Путин и нареди на армијата да не ја напаѓа железарницата, туку да ја држи под блокада.

Заменик командантот на украинскиот полк Азов, чии борци се во Азовстал, потврди дека руските сили денеска започнале напад врз железарницата.

Претходно денеска, полицискиот службеник во Мариупол, Михаил Вершинин изјави дека руската армија „почнала да ја напаѓа фабриката на неколку места“.

Командантот на бригадата на Националната гарда на Украина, кој исто така се наоѓа во Азовстал, изјави дека „непријателот се обидува да упадне во фабриката со значителни сили користејќи оклопни возила“.