Високиот комесаријат за човекови права на ОН ја осуди воената хунта на власт во Мјанмар за егзекуцијата на четворица затвореници, вклучително и членката на продемократската партија Аунг Сан Су Чи, нарекувајќи ја „сурова и регресивна“ мерка.
Егзекуциите беа осудени и од ЕУ и од САД.
„Ужаснета сум што и покрај повиците од целиот свет, војниците извршија егзекуции без никакво почитување на човековите права. Оваа сурова и регресивна мерка е дел од продолжувањето на кампањата на репресија што сега војската ја спроведува против сопствениот народ“, се вели во соопштението на високата комесарка Мишел Башел.
Тоа е прв пат во последните 30 години во Мјанмар да биде извршена смртна казна.
Шефот за надворешна политика на ЕУ, Жозеп Борел, рече дека ЕУ „цврсто ја осудува“ хунтата во Мјанмар за егзекуција на четворица затвореници „од политички причини“, од кои двајца се опозициски личности.
„Овие политички мотивирани егзекуции претставуваат нова фаза кон целосно укинување на владеењето на правото и ново флагрантно кршење на човековите права во Мјанмар“, рече Борел во изјавата. Тој потсети дека ЕУ се противи на смртната казна, сметајќи ја за „нехумана, сурова и неповратна казна“.
Американскиот државен секретар Ентони Блинкен остро ја осуди егзекуцијата на четворица затвореници од страна на мјанмарската хунта и рече дека е уверен дека егзекуциите нема да ги обесхрабрат поборниците за демократија во Мјанмар.
„Ова грозоморно насилство го покажува целосниот презир на режимот кон човековите права и владеењето на правото“, рече Блинкен во изјавата.
„Таа никогаш нема да ја запре решителноста на храбриот народ на Мјанмар“, додаде тој.