ОН: Третманот на Кина кон Ујгурите може да претставува злосторство против човештвото

од Vladimir Zorba
191 прегледи

Канцеларијата за човекови права на ОН соопшти дека видела докази за злосторства против човештвото во кинеската област Ксинџијанг во извештајот објавен од нејзината шефица, Мишел Бачелет, непосредно пред крајот на нејзиниот мандат.

„Степенот на произволно и дискриминаторско притворање на припадниците на Ујгурите и другите претежно муслимански групи… може да претставува меѓународни злосторства, конкретно, злосторства против човештвото“, се наведува во извештајот.

Извештајот заклучува дека од 2017 до 2019 година, и потенцијално потоа, луѓето биле лишувани од нивните основни права.

Стотици илјади Ујгури и други членови на малцински групи се ставени во кампови за принудно превоспитување, според групите за човекови права и Ујгурите кои побегнале од Кина.

Пекинг ги отфрли обвинувањата и ги нарече лаги.

Извештајот на ОН требаше да биде објавен минатата година, но Бачелет го одложи неговото објавување бидејќи со месеци преговараше со Кина за да и биде дозволено да патува во земјата.

Патувањето се одржа во јуни под услови Бачелет и нејзината канцеларија да одлучат каде да одат и со кого да разговараат без владин надзор.

Кина се согласи со барањата, соопшти нејзината канцеларија. Бачелет отпатува за Ксинџијанг, но се воздржуваше од критикување на активностите на кинеската влада во регионот до крајот на патувањето, што предизвика меѓународна критика кон неа.

Бачелет беше под силен притисок поради извештајот и рече дека минатата недела група од 40 влади и испратиле писмо во кое ја повикуваат да не го објавува.

Кина силно се противи на објавувањето на извештајот, соопшти во четвртокот Постојаната мисија на Кина во Канцеларијата на ОН во Женева.

„Извештајот се заснова на претпоставка за вина, користи лажни информации и е фарса планирана од САД, западните земји и антикинеските сили“, рече Лиу Јујин, портпарол на Постојаната мисија на Кина во Женева, во соопштение објавено на веб-страницата на мисијата.

Во 2018 година, Бачелет ја презеде функцијата шеф на ОН за човекови права и не се кандидираше за втор мандат.

Генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш сè уште не го именувал нејзиниот наследник.

Слични содржини