Вештачката интелигенција (ВИ) би можела да го прошири јазот меѓу развиените и земјите во развој, предупреди извештајот на Обединетите нации (ОН) денеска, повикувајќи на политики за ограничување на влијанието на технологијата во оваа насока, објави Ројтерс.
Извештајот на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) предупреди на можен „голем јаз“ што се појавува меѓу земјите во однос на економските перформанси, вештините на луѓето и системите за управување.
Извештајот на УНДП, „Следниот голем јаз: Зошто вештачката интелигенција би можела да ја прошири нееднаквоста меѓу земјите“, исто така, вели дека трговијата, технологијата и развојот помогнале да се намали јазот меѓу земјите во последните децении, носејќи значителни подобрувања во приходите, здравството и образованието. Но, тие придобивки сега се во опасност.
„Веруваме дека ВИ означува нова ера на зголемена нееднаквост меѓу земјите по години конвергенција во последните 50 години“, изјави Филип Шелекенс, главен економист во регионалната канцеларија на УНДП за Азија и Пацификот, на прес-конференција во Женева.
На крајот на краиштата, рече тој, дури и побогатите земји би страдале ако сиромашните бидат оставени зад себе поради ВИ.
„Доколку нееднаквоста продолжи да расте, последиците врз безбедноста и недокументираната миграција исто така ќе станат позагрижувачки“, додаде тој.