Канцеларијата за хуманитарна помош на Обединетите нации денеска соопшти дека сумата за задоволување на основните потреби на луѓето во Газа и на Западниот Брег се проценува на 1,2 милијарди долари.
„Износот за задоволување на основните потреби на 2,7 милиони луѓе – тоа е целото население на Газа и 500.000 луѓе на окупираниот Западен Брег – се проценува на 1,2 милијарди долари“, рече Јенс Лаерке, портпарол на Канцеларијата за координација на Обединетите нации за хуманитарни прашања (OCHA).
„Од тогаш ситуацијата станува се поочајна“
Оваа сума ги покрива хуманитарните потреби во Газа и дел од Западниот Брег до крајот на годината. На 12 октомври, OCHA првично побара 294 милиони долари за помош на речиси 1,3 милиони луѓе.
„Од тогаш ситуацијата станува се поочајна“, додаде Лаерке.
OCHA наведе дека нејзиното ревидирано барање за финансирање ќе ја нагласи потребата за храна, вода, здравствена заштита, засолниште, хигиена и други итни приоритети.
„Ги повикуваме донаторите веднаш да ги стават на располагање ресурсите за одговор“, рече Лаерке.
„Нашата способност да го ублажиме страдањето зависи од финансирањето“
„Нашата способност да ги олесниме страдањата на палестинското население ќе зависи од соодветно финансирање, безбеден и одржлив пристап до сите луѓе на кои им е потребна, каде и да се тие, доволен проток на хуманитарни резерви и – што е најважно – гориво.
Протокот на помош за Газа е запрен откако Израел почна да ја бомбардира густо населената енклава по нападот на вооружени лица на Хамас во јужен Израел на 7 октомври, а хуманитарните организации велат дека не е ни блиску до задоволување на потребите на своите жители.