Светот треба да обезбеди најмалку 2,4 трилиони долари за да се одржат целите за климатските промени на вистинскиот пат, најави шефот на ОН за климатските прашања, Сајмон Стил.
Извршниот секретар на Рамковната конвенција на ОН за климатски промени истакна што треба да се направи оваа година за да се промени ситуацијата, обраќајќи им се на група студенти во Баку, главниот град на Азербејџан и домаќин на климатскиот самит COP29 што ќе се одржи во ноември, пренесе Ројтерс.
Ова беше првиот голем говор на Стил по собирот на Обединетите нации во Дубаи, каде што речиси 200 земји се согласија да започнат процес на транзиција од фосилни горива за да се спречат најлошите ефекти од климатските промени.
„Јасно е дека ни требаат многу пари за да ја направиме оваа транзиција – 2,4 билиони долари, ако не и повеќе“, рече Стил, мислејќи на извештајот објавен од експертската група во декември.
Ројтерс истакнува дека финансирањето на климатската транзиција ќе биде во фокусот на разговорите во Азербејџан, каде владите од целиот свет ќе имаат задача да постават цели до 2025 година за да соберат пари за поддршка на земјите кои сакаат да ги намалат штетните емисии и да се прилагодат на влошените влијанија од климатска промена.
Поставувањето нова финансиска цел ќе биде сериозен предизвик со оглед на тоа што земјите само минатата година ја исполнија целта поставена во 2009 година – да обезбедат 100 милијарди долари годишно за финансирање на климатската транзиција до 2020 година.