Пациенти на Клиниката за радиотерапија и онкологија останаале без биолошка терапија. Како што објавија од МИА, дел од пациентите во моментов нема пристап до лековите „atezolizumab (tecentriq)“, „bevacizumab (avastin)“, „palbociclib“, „ribociclib“, „fulvestrant“ и „cetuximab“. Се стравува дека за брзо време, може да ги смена и лековите „trastuzumab emtansine (kadcyla)“, „nivolumab“, „cobimetinib“ и „vemurafenib“.
Иако минатата година со анекс се одобрија дополнителни сретства, очигледно и тие не беа доволни. Недостаток на терапија има од петокот, а се обидува Онкологија да добие дополнително средства да се затвори оваа дупка до одобрување на новиот буџет, изјавила една пациентка.
Во меѓувреме, пациентите се третираат со терапијата што моментално е достапна во Клиниката, објасниле од Онкологија.
Скандалот на Клиниката за онкологија, во кој вработени наводно краделе терапија од болни со карцином и ја препродавале, ja надополни листата на контроверзии и афери во македонското здравство за кои јавноста бара итни одговори и одговорност. Но, додека се чека завршница на истрагата од полицијата и обвинителството, за бројни претходни скандали и натаму нема разрешница.
Скандалот Онкологија е најголемата здравствена афера, која ги откри сите аномалии на здравствениот систем, а тоа посебно на нозе ги крена сите, со оглед на тоа што се работи за најтешко болни пациенти, чиј живот зависи од таа скапа биолошка терапија, каде што само една ампула чини од 2.000 до 8.000 евра.