Онлајн промоција на „Букварот на Биби“

од Stefanija Kuzmanovska
325 прегледи

Промоција на „Букварот на Биби“ – буквар за учење на печатните и ракописните букви, денеска (24 март) во 19 часот на фејсбук-страницата на „Светот на Биби“. Јееј!

На денешната промоција ги покануваме сите љубители на детската литература и македонскиот јазик, сите деца и родители.

Промотор ќе биде проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која е професор по детска литература на УКИМ. За „Букварот на Биби“ ќе зборуваат авторите: Билјана Црвенковска (писателка за деца), Михајло Димитриевски-Тхе Мичо (арт-директор на „Светот на Биби“) и Катарина Пренда (главен графички дизајнер во „Светот на Биби“), како и претставник од продукцијата – Јована Аврамовака. Свои видувања за Букварот и учењето со омилените ликови ќе слушнеме и од рецензентот д-р Тамара Ќупева, универзитетскиот професор Кирил Барбареев и одделенската наставничка Светлана Бебекоска.

Букварот на Биби е книга за доедукација. Преку овој Буквар децата од 4 до 8 години ќе имаат можност да ги засакаат и научат македонските букви и многу повеќе. Заедно со родителите и со нивните омилени ликови од „Светот на Биби“, децата ќе учат да раскажуваат, да рецитираат, да пишуваат, да поврзуваат и да си играат. Сето ова со цел да се подобри нивното познавање на мајчиниот јазик. Учејќи со „Букварот на Биби“, децата ќе се чувствуваат како да си играат со Биби и Боби додека ги развиваат своите способности. Целта е да им се развие љубовта кон пишувањето, читањето и кон училиштето од најмала возраст. За тоа како децата го перцепираат Букварот, ќе може да видите од нашиот главен гостин – малата Илина, која ќе го даде своето најискрено за „Букварот на Биби“.

Слични содржини