Северна Кореја украла над 316 милиони долари криптовалути од 2019 година преку сајбер напади за финансирање на нејзината нуклеарна и балистичка програма, се вели во доверливиот извештај на Обединетите нации.
Извештајот е направен од комитетот што ги надгледува санкциите за Пјонгјанг и во него се наведува дека „вкупната кражба на виртуелен имот од 2019 до ноември 2020 година се проценува на приближно 316,4 милиони американски долари“, откри член на ООН, како што објави Франс Прес.
Финансиските институции се хакирани за да создадат приходи за развој на нуклеарно оружје и ракети на Северна Кореја, се вели во извештајот. Најголем дел од средствата доаѓаат од две кражби извршени кон крајот на минатата година.
За Пјонгјанг е познато дека управува армија од илјадници хакери кои нападнале компании и институции во Јужна Кореја и на други места. Северна Кореја претходно беше обвинета за употреба на хакерство за финансиска корист.
Изолираната држава се соочува со меѓународни санкции поради забранети програми за нуклеарно и балистичко оружје, кои напредувале под водство на Ким Јонг Ун.
Преговорите меѓу Ким и поранешниот американски претседател Доналд Трамп во Ханој беа прекинати во февруари 2019 година околу прашањето за укинување на санкциите и за тоа што Пјонгјанг е подготвен да го направи за возврат.
Од тогаш се водат нуклеарни преговори, а Северна Кореја, пак, покажа нови ракети на воените паради во октомври и минатиот месец, кога Ким вети дека ќе ги зајакне нуклеарните можности.