Во Општина Аеродром се градат инфраструктурни проекти, се вложува во улици и сообраќајници, се градат водоводи, училишта и градинки и тоа се проекти наменети за граѓаните на општината. Безобразно, смешно и некоректно е инвестиции кои се реализираат од буџетот на општината и со помош на странски донатори да се политизира и да се гледаат низ политичка и партиска призма, стои во реакцијата на општината Аеродром на денешната прес конференција на СДСМ.
– Тоа не се пари на градоначалник или партија, тоа се средства на граѓаните кои се инвестираат исклучиво во проекти наменети за нив. И тоа се пари кои за разлика од претходно, денес се наменети исклучиво за развој и економски раст, а не за провизии, судски трошоци и партиски бизнис како што беше случај претходно, се вели во реакцијата.
Од општината додаваат дека отвореноста и транспарентноста е силната страна на Општина Аеродром и нејзината администрација.
– Токму поради тоа апелираме до опозициската СДСМ да дојдат и како конструктивна опозиција заеднички да дискутираме за најразвојниот буџет кој ќе се донесе за 2023 година. Да разговараме за најголемиот парк која ќе се направи на територија во Аеродром и за реконструкција на десетици училишта, градинки и улици. Така, а не со монтирани прес конференции се покажува грижа за граѓаните, велат меѓу другото од општината.