Општина Аеродром е една од осумте општини на територија на Република Македонија која се стекна со грант од ЕУ преку кој ќе се спроведат соодветни иновативни решенија, соопштија од општината.
Според градоначалникот на општината Тимчо Муцунски, станува збор за исклучително голем проект за управување со отпад во вредност од 600.000 евра, а со тоа значително ќе се подобри управувањето на општинско ниво.
На денешната прес-конференција која е заеднички настан на програмите финансирани од ЕУ – „ЕУ за општините“ и „Прекугранична соработка меѓу Северна Македонија и Албанија“, се потпиша договор за кофинансирање на проектот „Чист Аеродром“. Договорот се потпиша со министерот за локална самоуправа, Горан Милевски, кој дополнително ги уредува и предвидува аранжманите за кофинансирање на овој проект, а се овозможени од Владата на Швајцарија.
-Општина Аеродром има за цел да стане национален лидер во управувањето со отпад, а благодарение на програмата од ЕУ и Швајцарската амбасада ваквите проекти го подобруваат животот на граѓаните. Во следниот период имаме засилени средби со повеќе донатори, за да се стигне до конечна цел – опипливи проекти за аеродромци, истакна Муцунски.