„Почитувани, со овој допис во целост го ДЕМАНТИРАМЕ гласноговорникот на опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ, Наум Стоилковски, кој пред неколку дена на партиска прес-конференција изнесе низа небулози и лаги за градоначалникот на Општина Аеродром, Златко Марин“, велат од општина Аеродром.
Од таму ги повикуваат Државната комисија за спречување на корупцијата и Државниот завод за ревизија, во чиј годишен план за ревизија за 2021 година и без тоа се наоѓа Општина Аеродром, да извршат темелен увид во конкретниот предмет за вистината да излезе на виделина и да се докаже дека во јавната набавка на урбана опрема сè е исправно и законски.
„Исто така, потенцираме дека не е можно да се споредуваат две неспоредливи нешта, поконкретно да се споредуваат старата и новата урбана опрема, кои имаат драстично различен квалитет и дека сè што е набавено е во согласност со законската регулатива.
Кога веќе актуелниот портпарол Стоилковски сака да зборува за вистината, добро би било да спомене дека претходните чешми набавени од неговата партија чинеле 90.000 денари наспроти новонабавените чешми од 60.000 денари. Исто така, добро би било да потенцира дека заштедата на вода кај новонабавените чешми, бидејќи се автоматизирани, годишно изнесува неколку милиони денари.
Вистина е и дека старите канти за отпад, иако чинат 8.000 денари, тежат само 8 килограми и по нецели пет години, веќе се за’рѓани и неупотребливи. Новите канти чинат двојно повеќе, но тежат 53 килограми, изработени се од поцинкуван лим обработен на ЦНЦ-машина, имаат двојно дно и се заштитени од атмосферски влијанија во согласност со европските стандарди. Само разликата во цената на килограм железо ја оправдува оваа набавка.
Нападот за набавка на новите лед-светилки, пак, се базира на нешто што нема никаква финансиска импликација, односно на сè уште незавршен договор со очигледна цел да се направи сензација по секоја цена. Тенденциозноста и лагите на портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ се гледаат во тоа што тој прикажува канделабри и светилки, кои ниту се поставени ниту инсталирани и за кои не е потрошен ни денар.
Вистина е дека Марин набави квалитетни кошеви затоа што знае што е квалитет и колку кошарката им значи на жителите на Аеродром. Поради тоа, не поставува обични, туку зглобни обрачи што ги има во секоја европска држава, бидејќи се поквалитетни, поиздржливи, побезбедни и во согласност со стандардите на ФИБА, за разлика од обрачите што ги прикажа Стоилковски од „неговото“ време. Вложувањето во физички здрава младина и иднина, секако, има своја цена, во која патем се вклучени не само набавката туку и транспортот и монтажата на целокупната урбана опрема.
И, секако, на крајот, ВИСТИНА е дека портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Стоилковски, сè уште не е излезен од матрицата на функционирање на неговата партија, каде што вкупниот вокабулар на зборови се граничи само на „криминал“, „мафија“, „кочници“, „скандали“, нешто за што граѓаните ги казнија и повторно ќе ги казнат на наредните избори.
Нам, како на општински власти, ни останува и натаму да работиме во интерес на граѓаните и да ја донесеме Европа, преку нејзините вредности, во нашите дворови“, стои во соопштението на општината.