Општина Центар ја отвори првата Енергетска канцеларија во државата

од Nikola Popovski
1,1K прегледи

Општина Центар ја отвори првата Енергетска канцеларија во нашата земја, со цел да ја поттикне енергетската транформација и транзиција во локалните самоуправи, но и пошироко на државно ниво.

Во канцеларијата, сместена во Младинскиот центар ,,Матично’’,  граѓаните и сите заинтересирани страни ќе можат да се информираат за можностите за енергетски инвестиции, да учат на темата зелена и праведна енергетска транзиција, или да остварат комуникација и добијат поддршка поврзана со енергетска независност и одржлив развој.

Во организација на Здружението за зелено општество-Гринер, денеска беше одржана првата работилница на која градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, граѓаните, невладините организации, советници и членовите на администрацијата дискутираа за трансформација на Општина Центар во енергетски самоодржлива локална единица.

,,Општина Центар” процесот на енергетска транзиција го започна со оформување на трговското друштво за производство и продажба на електрична енергија претпријатието „Енергија Центар“, со поддршка на Фондацијата „Фридрих Еберт”. Во градинката „Пепелашка“ веќе имаме поставено фотоволтаичен систем кој треба да ги задоволи потребите за електрична енергија и во зимскиот период, сега на ред се основните училишта’’, информираше Герасимовски.

Работилниците ќе продолжат во Енергетската канцеларија и наредниве денови, а планирани се и отворени денови за комуникација со граѓаните не само за проекти во делот на енергетската ефикасност, туку и за сите проекти кои општината ги нуди во интерес на граѓаните, вклучително и за субвенции на лифтови,  покриви и фасади.

Слични содржини