Општина Центар за новата зграда од 23 метри кај „Рамстор“: „Измените на ДУП-от добија согласност од надлежните институции“

од Vladimir Zorba
493 прегледи

По барања во анкетни листови доставени за време на јавните анкети направени се измени во периодот од фазата на предлог планското решение до фазата на конечен план. На првата јавна анкета е дозволено зголемување на вкупно бруто изградена површина, која е дозволена и на втората јавна анкета меѓутоа со поинаква диспозиција во градежната парцела, соопштија од Општина Центар за Локално, како реакција на денешните обвинувања на „Шанса за Центар“.

Се работи за доградба на постојниот објект со деловна намена, со катност П+5+Пк, а висината е дефинирана според венецот постојните изградени објекти долж истиот уличен фронт, истакнуваат од Општината.

„За сметка на доградбата и зголемување на процентот на изграденост, инвеститорот се обврзува на постоечкиот рамен кров на објектот-Рамстор да направи зелена проодна кровна тераса. Таа треба да е достапна за јавна употреба, а се прави со цел да го зголеми процентот на зеленило на ниво на градската четврт. За да се реализира целосно дозволената бруто површина за градба задолжителен услов е и да го обезбеди неопходниот број на паркинг места. Измените на ДУП-от ги добија сите согласности и позитивни мислења од надлежните институции вклучувајќи го и Град Скопје кој е надлежен за контрола дали планот е во согласност со ГУП-от“, додаваат оттаму.

Нова висококатница на паркингот кај Рамстор во висина од 23 метри на „шверцерски“ начин е протната во новиот ДУП што заеднички го изгласаа советниците на ВМРО ДПМНЕ и на СДСМ на денешната седница на Советот на општина Центар. Но, и новиот објект на КАМ на спротивниот крај на улицата расте од 16 на 23 метри, обвинија денеска од „Шанса за Центар“.

Вака предложените измени на ДУП-от за потегот кај старата железничка Станица се спротивни од планот даден на јавна расправа и спротивно на ГУП-от, а базирани на одлуки од нова и попустлива Комисија формирана 2022 која одлучила поинаку од Комисијата во 2020 на барањата по Јавната анкета.

„Веруваме дека не се работи за превид или техничка грешка, туку намерна конфузија за да се отвори простор за профитерите-моќници кои очигледно имаат поддршка од оние кои треба да носат одлуки во корист на жителите на општината и заедницата. На овој начин, политичко-профитерската спрега вметна нови 15.000 м2 површина во планот. Резултатот ќе биде концентрација на моќ и заработка кај малкумина, а на штета на градот и неговите жители“, порачаа оттаму.

Планот поминал со позитивно мислење од Дирекција за заштита и спасување и од Министерство за транспорт и врски.

Шанса за Центар заклучува дека одговорноста во овој систем не постои, а човечкиот живот губи вредност секој миг.

Според нив, инвеститорскиот урбанизам победил и со „интервенции од повисоко“, се задоволила алчноста на малкумина.

Вкупно нови 15.000 м2 површина се најдоа во планот, во превод, многу милиони евра квадрати деловен и станбен простор. Бројот на жители во оваа четврт според ГУП е 1000 жители, но само со постојните објекти овој број е многукратно надминат.

Шанса за Центар ќе ги искористи сите правни и административни механизми на располагање за да ја спречи реализацијата на овие измени, додадоа оттаму.

Н.П.

Слични содржини