Општина Карпош доби европско енергетско признание

од Nikola Popovski
188 прегледи

Минатата недела, градоначалникот Стевчо Јакимовски го прими Сертификатот за Европско енергетско признание (ЕЕА – European Energy Award), со што Општина Карпош стана дел од општините во Европа со сребрено енергетско признание, согласно ЕЕА методологијата. Ова престижно признание и беше доделено на Општината, во рамки на завршниот настан за проектот „EXCITE – Стандарди за одличност, инвестирај во доверба – сервиси за енергетски менаџмент, прилагодени на локалните власти во Источна Европа“.

Освен Општина Карпош, сертификат за имплементација на ЕЕА методологијата доби и Општина Кочани. Инаку, овие две општини се првите локални самоуправи во нашата држава коишто се сертифицирани за енергетска ефикасност според оваа методологијата.

На настанот кој го организираше Хабитат Македонија присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Ристо Пенов, кој ги истакна придобивките за општините од правилното управување со енергија и енергетската ефикасност. Воедно, тоа ќе претставува и основа за општините, за да можат понатаму да се вклучат во реализација и на други проекти што ќе бидат корисни за граѓаните, кои не приближуваат на патот кон ЕУ.

Министерот им честита на општините Карпош и Кочани кои како што кажа тој, се издигнуваат на едно повисоко ниво во однос на енергетската ефикасност.

-„За потсетување, Општина Карпош е потписник на протоколот „20-20-20“ со кој се обврзува да ја намали потрошувачката на енергија, да ја намали емисијата на стакленички гасови и да го зголеми производството на енергија од обновливи извори за 20 проценти. Во текот на годините во соработка со Хабитат Македонија, локалната самоуправа од Карпош спроведе повеќе проекти со кои во рамки на можностите, ја унапреди енергетската ефикасност на своја територија. Во таа насока би сакал да им се заблагодарам, што нé поттикнуваат да работиме кон остварување на овие цели.“ – изјави градоначалникот Јакимовски.

На настанот беа презентирани резултатите од областа на енергетската ефикасност во рамки на спроведување на проектот EXCITE, како и најдобрите практики за имплементација на мерки за енергетска ефикасност постигнати во општина Карпош во изминатите години.

За особен придонес во имплементацијата на проектот им беа доделени благодарници на Секторот за енергетика при Министерството за економија, Проектните тимови на општините Карпош, Кочани, Делчево и Кичево, како и на членовите на Националниот одбор за сертификација: Љубиша Јовановски, Драган Блажев, Ефтим Пејовски, Катерина Билбиловска и Андријана Стојановска.

Активностите на проектот „EXCITE – Стандарди за одличност, инвестирај во доверба – сервиси за енергетски менаџмент прилагодени на локалните власти во Источна Европа“, финансиран од Европската Комисија во рамки на програмата Хоризонт 2020, започнаа на крајот на 2020 година. Целта на овој проект е директно да се подобрат климатските акциски планови во 25 општини ширум Европа, преку рационално искористување на енергијата и употреба на обновливи извори на енергија, преку примена на методологијата на Европското енергетско признание.

Слични содржини