Општина Карпош го изгласа предвидениот буџет за 2021. година

266 прегледи

Капиталните инвестиции од областа на инфраструктурата, екологијата и енергетската ефикасност, како и подобрување на условите за престој во детските градинки и училиштата, го сочинуваат најголемиот дел од финансиската конструкција на Буџетот на општина Карпош за 2021 година, информираат од Општина Карпош.

Буџетот, како што наведуваат во соопштение, е реален, а истиот презема и обврски (долгови) од минатите години. За ваквиот Буџет во чии рамки се планирани околу 1.152.000.000 денари, гласаше мнозинството советници на вчерашната 51-ва Седница на Советот на општина Карпош.

Во насока на конструктивното работење, од Општината додаваат дека советниците ги изгласаа и сите 14 програми за активностите на секторите и одделенијата на локалната самоуправа, кои треба да се реализираат наредната година.

Советот даде согласност за прифаќање на финансиски средства од Владата на Република Северна Македонија во висина од 25.500.000 денари, за реализација на првата фаза од проектот „Партерно уредување – реконструкција на пешачката зона кај Порта Влае. Исто така, советниците од Карпош дадоа „зелено светло“ за одлуката со која се прифаќаат финансиски средства од Владата на РСМ во висина од 2.200.000 денари, со кои ќе се реализира проектот „Изградба на улицата Партизанска 2, во населбата Долно Нерези“.

Советниците се изјаснија позитивно за предлогот со кој општина Карпош ќе воспостави меѓуопштинска соработка со Град Скопје, во рамки на која ќе се врши редовен и вонреден инспекциски надзор во областа на комуналната инспекција и инспекцијата за животна средина. Беше прифатена и одлуката за меѓуопштинска соработка со Град Скопје, за заловување на кучиња – скитници на подрачјето на општина Карпош.

Едногласно беше поддржан и предлогот на Националната мрежа против насилство врз жените и семејно насилство – Скопје, за одобрување на финансиска конструкција за воспоставување и одржување на советувалишен центар за жртви на семејно насилство.

Советниците ја прифатија и донацијата од 2500 заштитни маски, која ја доделува Друштвото за управување со недвижен имот – „Белгравиа Инвест“ Скопје.

-Во претстојниот период, преку креирање на Граѓански буџет уште повеќе ќе ги доближиме проектите и планираните средства за истите до сите граѓани, стои во соопштението од Општина Карпош

Слични содржини