Хотелот Гарни, кој се наоѓа спроти судската палата во центарот на градот Штип, е на продажба. Општината Штип, како сопственик на овој објект, одлучи да го продаде. Оваа одлука доаѓа на 100-годишнината од почетокот на работата на хотелот, кој беше изграден во 1924 година.
Самиот објект има 275 метри квадратни, а дворната површина изнесува 193 метри квадратни. Во последните 21 година, хотелот беше даден под кирија на фабриката за чевли “Баргала”, која потоа доживеа стечај и ликвидација. Сега, со продажбата на хотелот, завршува и неговата употреба.
Располага со шест соби, мала сала за состаноци и бифе за појадок на гостите. Тој е и на списокот на објекти прогласени за културно наследство на Македонија на подрачјето на Општина Штип според евиденцијата во Регистарот на културно наследство на Управата за заштита на културното наследство на Македонија (УЗКН)
Хотелот Гарни ќе се продава на лицитација со почетна цена од 515.000 евра. Одлуката ја донесе Советот на Општина Штип на денешната седница.
Советниците од опозицијата беа против оваа одлука и сметаат дека вакво историско здание не треба да се продава и оти е најдобро да биде катче за културни настани.