Владата во Будимпешта нема да го поддржи новиот пакет помош од ЕУ за Украина се додека ЕУ не ги плати сите средства наменети за Унгарија кои беа замрзнати од Европската комисија, изјави денеска унгарскиот премиер Виктор Орбан.
Европската комисија оваа недела се согласи да ослободи третина од околу 30 милијарди евра (33 милијарди долари) замрзнати поради загриженоста за владеењето на правото и корупцијата, откако Унгарија направи промени во судството, зајакнувајќи ја независноста на судовите.
Орбан изјави дека на следниот состанок, кој ќе се одржи на почетокот на следната година, ќе побара од лидерите на ЕУ да ги одобрат сите унгарски средства, пред да го разгледаат пакетот од 50 милијарди евра за Украина.
„Ова е одлична можност Унгарија да стави до знаење дека мора да добие се што ЕУ и должи“, изјави унгарскиот премиер, пренесе Блумберг.
Иако Унгарија се воздржа од гласањето за преговорите за членство во ЕУ со Украина, Орбан останува против одлуката и е подготвен да стави вето на пристапувањето на Украина во подоцнежната фаза.