Орбан: Германија и ЕУ ни даваат четири милијарди евра, а земаат шест

од Nikola Popovski
376 прегледи

Премиерот на Унгарија, Виктор Орбан, изјавил дека побогатите земји од Европската Унија, предводени од Германија, од Унгарија земаат околу шест милијарди евра годишно под различни изговори, додека Унгарија од ЕУ од буџетот добива четири милијарди евра.

Со тоа Орбан му одговорил на Мартин Шулц, поранешниот шеф на Германската социјалдемократска партија и претседател на Европскиот парламент во периодот од 2012 до 2017 година, кој, како што изјави унгарскиот премиер, ја напаѓал Унгарија со години затоа што ги бранела нејзините граници и не прифаќала мигранти.

Според агенцијата МТИ, во интервју за „Дојчландфунк“, Шулц ја обвинил унгарската влада за репресија на медиумите, антисемитизам и профитерство.

По тој повод, Орбан истакнал дека новинарите во Унгарија имаат поголема слобода отколку нивните колеги од Германија.

Што се однесува до обвинувањата за антисемитизам, Орбан одговорил дека „отворен антисемитизам и малтретирање на Евреите сè уште се случува во Германија“ и дека е незамисливо тоа да се случи во Унгарија.

Премиерот на Унгарија исто така потенцирал дека најголемата лага на Шулц е за распределбата на парите на Европската Унија, јавуваат унгарските медиуми.

„Шулц и многу Германци се преправаа дека им даваат пари на сиромашните и затоа имаа дефицит. Всушност, тие имаат најголема корист од европскиот единствен пазар. Тие даваат пари од профитот на другите членки преку буџетот на ЕУ и многу од тоа повторно завршуваат во нивни раце. Лицемерно е да очекувате од нас да бидеме благодарни за тоа“, вели Орбан.

Тој додал дека ситуацијата е јасна.

„Членството на Унгарија во ЕУ не ја чини Германија ниту цент, тие профитираат од нас“, нагласил Орбан.

Слични содржини