Орбан и Зеленски пак во клинч: Унгарија ѝ се заканува на Украина, не можете во ЕУ ако не ви одобриме

од Марта Пешевска
135 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан денес изјави дека „нема пристапување на Украина во Европската унија без Унгарија“ и дека секој Унгарец ќе има можност да се изјасни по ова прашање. Тој нагласи дека ова е принцип кој се почитува во Унгарија, без разлика дали ова ќе биде прифатено или не од други земји.

„Претседателот Зеленски вчера се обрати до унгарскиот народ. Господине претседателе! Што мисли унгарскиот народ, не одлучува претседателот во Киев, ниту бирократите во Брисел. Нема пристапување на Украина во ЕУ без Унгарија. Секој Унгарец ќе може да го изрази своето мислење за ова. Без разлика дали ви се допаѓа или не. Вака работиме ние тука“, изјави Орбан на платформата X.

Во текот на вчерашниот ден, украинскиот претседател Володимир Зеленски објави дека отворањето на три кластери во преговорите со Европската унија ќе биде поддржано од сите членки на ЕУ, освен од Унгарија. Зеленски додаде дека, според извештајот на вицепремиерката за европски и евроатлантски интеграции, Олга Стефанишина, Украина ќе биде технички подготвена да отвори три кластери до 1 јули.

„Веруваме дека сите ќе нè поддржат, освен дотичната земја“, рече Зеленски во изјавата за новинарите.

Тој исто така нагласи дека унгарските опозициски сили спровеле анкета која покажала дека 70 проценти од Унгарците го поддржуваат влезот на Украина во Европската унија, но истовремено потврди дека Украина е блокирана од унгарскиот премиер Виктор Орбан.

Слични содржини