Унгарскиот премиер Виктор Орбан и се закани на Европската унија дека ќе ги блокира буџетот и пакетот помош за закрепнување од последиците на коронавирусот, поради обидите на Брисел да ја убеди Унгарија да го почитува владеењето на правото.
Во писмото до претседателот на Европската комисија Шарл Мишел, Орбан рече дека договорот меѓу трите главни институции на ЕУ не е во согласност со критериумите утврдени од Будимпешта.
„Врз основа на извештајот за содржината на овој договор, за нас е јасно дека не е во согласност со барањата што Унгарија јасно ги искажа неколку пати за време на преговорите, и затоа нема да го поддржам“, рече Орбан во писмото до кое пристап имале од „Политико“.
Институциите на ЕУ, меѓународните организации и групите за човекови права ги обвинија владите на Унгарија и Полска за поткопување на демократските стандарди и владеењето на правото. Будимпешта и Варшава ги отфрлија обвинувањата и се обидуваат да избегнат какво било поврзување на средствата на ЕУ со владеењето на правото, тврдејќи дека Брисел е пристрасен.
Орбан претходно се судри со Европската комисија, обвинувајќи ги за навреда и понижување на Унгарија повикувајќи на почитување на владеењето на правото во оваа земја, што ЕК го негираше.
Лидерите на ЕУ се согласија во јули за историски буџет од 1,8 трилиони евра и пакет за помош за закрепнување од короната. Унгарија и Полска изјавија дека ќе го блокираат буџетскиот договор доколку не можат да ги прифатат условите на механизмите за контрола на владеењето на правото, иако ова е посебна мерка.
„Во согласност со договорената пракса дека ништо не е договорено сè додека не се договори сè, морам да ве известам дека во оваа ситуација, Унгарија нема да може да се согласи со другите елементи на буџетот и пакетот помош“, рече Орбан.
Некои пратеници на ЕУ сметаат дека Орбан блефира и дека нема да може да ги одбие буџетот и пакетот помош во ситуација кога цела Европа се бори со Ковид-19.
„Мислам дека треба да одиме понатаму и дека Виктор Орбан нема да го смени резултатот од преговорите“, рече лидерот на Партијата на европските нации во Европскиот парламент, Манфред Вебер.