Унгарскиот премиер Виктор Орбан денеска изјави дека неговата италијанса колешка Џорџa Мелони е негова „христијанска сестра“ и дека културниот идентитет игра сè поважна улога во европската политика.
„Таа не е само (моја) колешка, таа е мојата христијанска сестра“, им рече Орбан на новинарите на маргините на економскиот форум ТЕХА во Черноби, северна Италија, објави Ројтерс.
-Споделувањето на културните корени претходно „не играше голема улога во европската политика, но сега се приближуваме кон нова ера“, додаде унгарскиот премиер. Мелони и Орбан се согласуваат за низа прашања, вклучително и потребата од построги имиграциски политики и одбраната на традиционалните семејни вредности против она што тие го нарекуваат ЛГБТ лоби, соопшти агенцијата.
Орбан изјави и дека средбата меѓу рускиот претседател Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски е секако можна и неопходна, пренесе Анса.
Сепак, тој истакна дека „нема волја за постигнување мир и од Киев и од Москва, бидејќи и двете страни се убедени дека времето ќе игра во нивна корист“.
„Мислам дека мировната мисија е неопходна“, подвлече тој повторно, потсетувајќи на неговите неодамнешни патувања во Москва и Пекинг кои не беа одобрени од ЕУ, нагласувајќи дека „има потреба од дијалог со Украина, но и со Русија“. Според него, ако чекаме мировниот план да биде прифатлив за двете страни, никогаш нема да има мир, бидејќи првиот чекор не е мир, туку прекин на огнот.
„Во Европа има огромна литература за тоа како да се постигне мир и оваа богата литература е за дијалог, кој ако не се случи во вистинско време, ескалацијата расте и сè станува потешко“, посочи Орбан.
Тој изјави дека има и прекин на огнот, за што постои недоразбирање во западното јавно мислење, според кое прво треба да се направи мировен план, потоа да се отворат преговори и потоа да се спроведе прекинот на огнот.
„Но, тоа не е така, бидејќи гледајќи ги најновите искуства и моето лично искуство, мојата поента е прво прекин на огнот, потоа дијалог и на крајот мировен план“, рекол унгарскиот премиер.