Орбан: Не треба да се повлечеме од Брисел, туку да го окупираме

од Nikola Popovski
39 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан објави денеска на „X“ дека десничарската партија „Патриоти за Европа“ во Европскиот парламент, кога ќе ја „преземе политиката на Брисел“, ќе ја направи Европа повторно „голема, силна, безбедна, богата и слободна “.

Орбан денеска зборуваше на годишниот собир на Лигата во Понтида, северно од Милано.

„Не треба да се повлечеме од Брисел, туку да го окупираме. Ќе го земеме Брисел од бирократите и ќе го вратиме на европскиот народ“, напишал Орбан на „Х“.

Како што рече, првиот чекор на тој пат беше десничарската влада во Италија, вториот беше победата на Герт Вилдерс во Холандија, третиот беше победата на Партијата на слободата на Херберт Кикл во Австрија, а четвртиот беше победата на Андреј Бабиш на изборите во Чешка.

Како петти чекор го спомена формирањето на „Патриоти за Европа“, сега трета по големина група во Европскиот парламент.

„Ја зајакнуваме Европската патриотска партија и одиме напред на патот на обединување на десницата во Европа. Нема да застанеме. На крајот од борбата, Париз ќе се сврти, ќе ја вратиме Варшава и ќе станеме најголемата политичка сила во Европа. Тогаш ќе ја преземеме политиката на Брисел и ќе ја направиме Европа повторно голема, силна, безбедна, богата и слободна“, истакнал Орбан.

Слични содржини