Орбан незадоволен од санкциите врз Русија: „Имаа спротивен ефект“

од Nikola Popovski
149 прегледи

Унгарија треба да се подготви за продолжена војна во соседна Украина, изјави во понеделникот унгарскиот премиер Виктор Орбан и ги критикуваше санкциите на Европската унија против Русија, кои според него имаат спротивен ефект и влијаеле на повисоките цени на енергијата.

Орбан, кој долго време беше во несогласување со ЕУ за некои од неговите политики кои Брисел ги смета за антидемократски, повика на примирје и рече дека санкциите против Русија и нанесуваат удар на европската економија.

Орбан беше реизбран по четврти последователен мандат во април и сега се соочува со зголемена инфлација, пад на довербата на потрошувачите и изгледи за рецесија следната година.

Тој му рече на парламентот дека не е изненаден што европските влади паѓаат, мислејќи на изборите во Италија во неделата, по кои Џорџа Мелони се чини дека ќе ја предводи најдесничарската италијанска влада од Втората светска војна.

„Можеме со сигурност да кажеме дека Европејците станаа посиромашни поради санкциите, додека Русија не падна на колена“, рече Орбан. „Ова оружје имаше спротивен ефект, Европа си пукаше во нога со санкциите“, нагласи тој.

„Очекуваме одговор, цела Европа чека одговор од Брисел до кога ќе го правиме ова“, истакна Орбан и додаде дека е време да разговараме со САД за санкциите.

Орбан, чија влада преговара со Европската комисија за деблокирање на милијарди евра од фондовите на ЕУ поради загриженоста за владеењето на правото во Унгарија, рече дека неговата влада ќе започне „национални консултации“ и ќе ги праша Унгарците што мислат за санкциите. Орбан претходно ја користеше алатката за кампања за да ја зајакне домашната поддршка за неговата партија Фидес за политиките како што се правата на хомосексуалците или миграцијата.

Унгарскиот премиер рече дека неговата влада ја ревидира својата долгорочна енергетска стратегија и има намера да го реформира електроенергетскиот систем и да го продолжи работниот век на нуклеарната централа Пакс, со вкупно 32 големи инвестиции планирани да се финансираат со средства од ЕУ.

„Доколку бриселските бирократи не ни ги дадат овие пари, на кои има право на Унгарија, тогаш ќе ги добиеме потребните средства од други финансиски извори“, кажа Орбан, додавајќи дека Унгарија започнала разговори со ЕУ и со „другите меѓународни партнери“. Тој не ја појасни својата изјава.

Слични содржини