Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави во понеделник дека Западот не успеал да ја уништи Русија и дека западните сојузници ја загубиле војната во Украина.
„Западната стратегија која беше насочена кон уништување на Русија не успеа, санкциите не постигнаа своја цел, а Русија ја спречи Украина да се приклучи на НАТО. Никој не се осмелува да го признае тоа, но ја загубивме оваа војна“, изјави Орбан. Тој додаде дека руската економија не се распадна како што се очекуваше, пренесува агенцијата „Анадолија“.
Орбан, кој учествуваше на состанокот на шефовите на националните парламенти на земјите-членки на ЕУ и претседателот на Европскиот парламент, рече дека и покрај тоа што Западот ја загубил оваа војна, Европа продолжува да се бори, обидувајќи се да ја пренесе надежта за победа. Според него, светот се наоѓа во период на трансформација кој е споредлив со раѓањето на националните држави и Вестфалскиот мир.
„Менталитетот на западниот свет се менува, и Европејците мора да одговорат на овој процес“, нагласи Орбан, додавајќи дека Европа не е подготвена за овие промени.
„Како да се обидуваме да решаваме проблеми од идната деценија со одговорите од претходната. Старите вистини повеќе не функционираат, светот се промени, а ние, Европејците, не успеавме да го следиме тој пример“, заклучи Орбан.