За првпат со Виктор Орбан, премиер на земја-членка на ЕУ се најде на списокот на непријатели на слободата на печатот на организацијата Репортери без граници (РСФ).
На списокот објавен денес има 37 шефови на држави и влади кои, според РСФ, „значително ја поткопаа слободата на печатот“.
Нови на списокот, покрај унгарскиот премиер, се и претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, саудискиот принц Мохамед бин Салман и премиерот на Хонг Конг, Кери Лам.
Во образложението, РСФ наведува дека Орбан е непријател на слободата на печатот од доаѓањето на власт во 2010 година, тој користи методи на политички и економски махинации, уништување на угледот, како и принудување на самоцензура, со цел да ги контролира медиумите.
Од доаѓањето на власт, според РСФ, Орбан постепено ги ставал медиумите под контрола, а Јавниот сервис е централизиран во рамките на државниот медиумски холдинг МТВА.
Регионалните медиуми се во целосна сопственост на пријателите на Орбан од 2017 година, а најважните независни медиуми се затворени.
На списокот непријатели на слободата на печатот на РСФ се и претседателот на Русија, Владимир Путин, како и претседателот на Белорусија, Александар Лукашенко, но и претседателот на Кина, Си Џинпинг.
Додадовме нови имиња во сите региони на светот, истакна директорот на РСФ, Кристијан Мир.
Тој рече дека методите за контрола на медиумите се различни, но тие служат за истата цел – да се спречи критичното известување по секоја цена.