Орбан во пресрет на изборите: Војната во Украина не е наша војна

од Nikola Popovski
230 прегледи

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави денеска дека претстојните парламентарни избори закажани за в недела претставуваат егзистенцијална пресвртница и избор меѓу војна и мир. Орбан, кој сака да освои четврти последователен мандат како премиер, ја водеше кампањата врз основа на ветувањата дека, доколку биде реизбран, ќе ги заштити мирот и безбедноста на земјата и ќе го одржи увозот на руска енергија за време на војната во соседна Украина.

„Ова не е наша војна, мораме да се држиме настрана од неа. Можеме да останеме настрана ако не испратиме војници или оружје и не дозволиме пратки оружје низ нашата територија, бидејќи тогаш ќе станеме воена цел“, рече Орбан на предизборен митинг во централна Унгарија.

Земјата одби да ѝ испорача оружје на Украина и го забрани транзитот преку унгарско-украинската граница, велејќи дека тоа ќе ја вовлече во конфликт.

Иако Орбан ја осуди руската инвазија на Украина, тој внимаваше да не спомене дека за конфликтот е одговорен рускиот претседател Владимир Путин, со кого има блиски односи откако дојде на власт во Унгарија во 2010 година.

Орбан на митингот рече дека опозициската коалиција „склучила таен пакт со украинската влада“ и дека неговите политички противници ќе го прекинат снабдувањето со руски гас и руска нафта, што коалицијата негираше.

Слични содржини