Унгарскиот премиер Виктор Орбан вчера ги обвини лидерите на ЕУ дека се однесуваат како „колонијалисти“ кога го критикуваат контроверзниот унгарски закон, за кој сметаат дека ги ограничува правата на ЛГБТ популацијата во таа земја.
Лидерите на ЕУ го критикуваа Орбан за законот на самитот во Брисел минатата недела, а холандскиот премиер Марк Руте рече дека Орбан или треба да ги поддржи вредностите на Унијата или да го напушти блокот.
Во вчерашната изјава за јавното радио, Орбан се спротивстави на повиците за укинување на законот за забрана на „изразување или промовирање“ на хомосексуалноста.
„Тие се однесуваат како колонијалисти. Тие сакаат да диктираат кои закони треба да се применуваат во друга земја, сакаат да ни кажат како да ги водиме нашите животи и како да се однесуваме“, рече Орбан кон своите критичари во ЕУ.
Тој рече дека нивната критика е резултат на „лошите рефлекси предизвикани од нивното колонијално минато“.
Во средината на јуни, унгарскиот парламент донесе закон со кој се забранува „промовирање“ на хомосексуалноста кај малолетници.
Унгарската десничарска влада инсистира на тоа дека е потребен закон за да се осигури дека сексуалното образование на деца под 18-годишна возраст е единствениот домен на родителите.
Сепак, ЛГБТ активистите и високи европски официјални лица го осудија законот, велејќи дека тој ги стигматизира сексуалните малцинства и дека сака да ги задуши разговорите за сексуална ориентација.
Минатата недела, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го нарече законот „срамен“ и испрати писмо до Унгарија во кое бара разјаснување за влијанието на тој закон врз основните права.
Шефовите на 17 земји на ЕУ потпишаа заедничко писмо со кое го осудија законот и ја повикаа Европската комисија да ја тужи Унгарија пред Европскиот суд за правдата за ова прашање.