Во исчекување на конечната листа на производи со новите, намалени цени која министерот Бектеши ја најави за утре, една од првите позитивни оценки дојде од Организацијата на потрошувачи. Потсетуваат дека на ваква мерка повикувале веќе извесен период, бидејќи е единствен одговор на енормното зголемување на цените од страна на трговците.
“Правата на потрошувачите при замрзнување на цените не се загрозени, напротив, сметаме дека на некој начин има поголема сигурност за потрошувачите, од аспект на нагло зголемување на цените, дури и на дневно ниво кое се случуваше во изминатиов период. Владата којашто најави донесување на оваа одлука, преку своите надлежни инспекторати е онаа која преку институциите врши контола над спроведување на мерката како и при злоупотреба на истата од страна на производителите и трговците’’, изјави за Локално, претседателката на Организацијата на потрошувачи, Маријана Лончар Велкова. Сепак, дополнуваат дека во актуелната ситуација е неопходно овој чекор да трае подолго.’
Со оглед на досегашното искуство дека по укинувањето на мерките трговците веднаш потоа ги зголемуваат цените ( што се случи по укинувањето на ограничувањето на маржата) потребно е мерките да бидат утврдени на подолг рок, но не пократко од три месеци’’, велат во Организацијата на потрошувачи.
Од таму излегоа со став и во однос на акциските продажби кои според нив треба да се задржат бидејќи се во интерес на потрошувачите.
“Доколку трговецот веќе постоечки производ со замрзната цена го стави на дополнителна акција, секако тоа ќе биде во полза на потрошувачите, а не на нивна штета. Исто така за оние производи коишто нема да спаѓаат во категоријата на производи со замрзната цена, добро би било потрошувачот да може да ги купи по акциска намалена цена.’’, вели Лончар Велкова.
Токму во однос на овој дел министерот Бектеши денеска излезе со став дека ќе има корекција на претходната одлука за забрана на акциски цени, и тоа со цел да се избегнат манипулации. Според него, сепак ќе бидат дозволени акции за дополнително намалување на цените , но само доколку не бидат доведени во заблуда граѓаните.
“Акции може да има за сите производи кои ги има одреден супермаркет, но нема да може да се стави „акција“ како ознака во моментот кога таа акција е поради истек на рокот’’, изјави Бектеши. Според него, на листата која што ја подготвува Министерството за економија ќе се најдат стотици производи, коишто ќе ја имаат ознаката „гарантирана цена“. Станува збор за основни прехранбени производи, од кои 90 отсто се даночат со ДДВ од 5 отсто. Идејата е цената по која што се продавале на 1 август годинава да падне за најмалку 10 проценти. Во тек се преговори и со производителите и дистрибутерите на пијалоци, со цел да има намалување на цените и на овие прозводи. Бектеши ги повика сите оние коишто нема да бидат опфатени со владината мерка, доброволно да се приклучат кон акцијата за намалување на цените и да добијат можност за користење на ознаката „гарантирана цена“. За оние коишто ќе прават манипулации со оваа ознака, се најавуваат строги контроли и казни.
К.В.С.