Еден од организаторите на Европрајд, Горан Милетиќ, во средата изјави дека таа ќе се одржи во Белград и покрај претходната одлука на претседателот Александар Вучиќ да го откаже настанот, кој секоја година се одржува во различен европски град, јавуваат белградските медиуми.
Милетиќ за агенцијата „Бета“ изјави дека сите планирани настани ќе се одржат од 12 до 18 септември.
„Од манифестациите на отворен простор, прошетката ќе се одржи на 17 септември, а два концерта на Калемегдан на 16 и 17 септември“, рече Милетиќ.
„Граѓаните се многу разочарани од најавата за забрана за одржување на Европрајд и сигурно ќе се соберат во голем број“, додаде Милетиќ.
Два дена претходно директорот на „Белград Прајд“, Марко Михаиловиќ изјави дека изјавата на Вучиќ за откажување на парадата нема правна тежина затоа што одлука за забрана може да ја донесе само МВР.
Неколку помали опозициски партии во Националното собрание најавија дека ќе ги повикаат граѓаните на протест на 17 септември, доколку тогаш се забрани Европрајд.
Станува збор за Демократската партија, движењето „Не го даваме Белград“, Движењето на слободни граѓани
„Сакаме да се бориме сите наши граѓани, без разлика на верска, национална и сексуална припадност, да ги имаат истите права загарантирани со устав“, изјави Радомир Лазовиќ, претставник на движењето „Не го даваме Белград“ во Народното собрание.
Вучиќ во саботата рече дека Европрајд ќе биде откажан или одложен, поради, како што наведе, безбедносни причини.