Оризопроизводителите предупредуваат: Намалена цена ќе го згасне производството и ќе остави празни рафтови во продавниците

од Vladimir Zorba

Црвен аларм кај оризопроизводителите по најавата на Владата дека оваа култура може да влезе во списокот на производите со замрзнати цени. Паралелно со анализите на официјалните институции кои треба да  покажат колку треба да се намали цената на овој производ, производителите изработија свои, а тие покажуваат дека состојбата со одгледување и производство на оваа земјоделска култура е на работ на економска издржливост.

Од компанијата „Дениво“ која е производител, преработувач и откупувач на оризот, за „Локално“ изјавија дека цената во моментов е реална. За нив е особено нејасно како може сега да се бара надолна корекција на цената,  кога на почетокот на жетвата, на состанок со Министерот за земјоделство било побарано од откупувачите да ја зголемат цената на оризовата арпа, што како што велат, со макотрпна работа и успеале да го направат.

„Сега Владата нека се изјасни пред оризопроизводителите со која анализа сака да ја намали односно замрзне цената на оризот. Во истите тие купувачи кои сакаат да ги заштитат се и земјоделците производители на ориз. Ваквата мерка на Владата е неиздржана бидејќи цената на оризот е реална и со неа оризопроизводителите се задоволни“, велат за „Локално“, од „Даниво“, Кочани.

Немаат дилема дека доколку Владата остане на својата намера да продолжи да ги замрзнува цените на дел од производите, ќе се појави недостиг од истите на пазарот.

„Доколку се намали цената на оризот  ќе згасне производството на ориз во Македонија.Цената која сега е постигната може само д аги покрие трошоците за производство, кои во меѓувреме некокукратно се покачија, за разлика од претходната година.Исто така и за преработка на оризот се покачи цената на нафтата , на електричната енергија, работната рака, суровините потребни за негово складирање“…, објаснуваат од „Даниво“.

Во моментов во дел од поголемите маркети низ земјава оризот се продава  по цена од  75 до 100 денари, а на пазарите таа се движи од 80- 100 денари.

По замрзнување на цената на лебот, од утре пониски цени за 10-15 % треба да добијат млекото и млечните производи и тестенините а врз основа на анализите на Министерството за економија, ќе се знае дали, колку и од кога ќе се намалат и цените на шеќерот, јајцата и оризот.

К.В.С.

Слични содржини