Орландо Меџик го избра тешкото крило Банкеро под бр. 1 на годинешниот НБА драфт

од Vladimir Zorba
148 прегледи

Орландо Меџик го избра Паоло Банкеро за број 1 на годинешниот драфт на Националната кошаркарска асоцијација (НБА). Церемонијата се одржа во Центарот Баркли, домот на Бруклин Нетс.

Орландо последен пат доби можност да го избере најдобриот млад играч кој ќе дојде во НБА во 2004 година. Тогаш магичните го зедоа центарот Двајт Хауард. Минатата сезона тимот од Флорида го имаше вториот најлош учинок од сите 30 екипи во НБА – 22 победи и 60 порази.

Под број 2, Оклахома Сити го избра 20-годишниот центар Чет Холмгрен, а трет на драфтот беше Џабари Смит (19) кој ќе игра за Хјустон.

19-годишниот Банкеро минатата сезона одигра 39 натпревари за Универзитетот Дјук во колеџот и имаше просек од 17,2 поени и 7,8 скока по натпревар. Има и 41 украдена топка и 36 блока.

Банкеро е четвртиот играч на Дјук избран за број 1 на драфтот. Останатите се Елтон Бренд (1999 од Чикаго Булс), Кајри Ирвинг (2011 од Кливленд) и Зион Вилијамсон (2019 од Њу Орлеанс).

„Не можам да верувам што се случи, искрено. Никогаш не би помислил дека ќе се случи. Сакав да бидам во НБА, но не знаев дека ќе бидам број 1. Неверојатно е, немам зборови во моментот“, изјави Банкеро за ABC.