Оружје наместо автомобили: Воената индустрија во Чешка доживува „златно доба“

од Milan1
50 прегледи

Производството на оружје доживува „златно доба“ во Чешка. Тоа дури би можело да ја замени автомобилската индустрија како мотор на чешката економија.

Во последните триесет години, Чешката Република се разви во земја со најголемо производство на автомобили по глава на жител во светот. 2024 година беше рекордна година: повеќе од 1,4 милиони возила беа произведени во земјата со десет милиони жители, што е за речиси четири проценти повеќе од претходната година. Но, почетокот на 2025 година донесе пад, во првиот квартал, производството се намали за 7,1 процент.

Празни магацини

Во исто време, воената индустрија доживува силен пораст. Во последните три години, чешките фабрики за оружје значително ги проширија своите производствени капацитети и остварија висок профит. Според Алеш Род од Центарот за економска и пазарна анализа, учеството на одбранбената индустрија во чешкиот БДП, кое моментално е околу еден процент, би можело да се зголеми неколку пати во наредните години.

„Нашите магацини се празни. Она што го произведуваме уште неизладено, веќе е испорачано“, вели Род за „Дојче веле“.

Територијата на денешна Чешка Република има долга традиција на воено производство што датира од времето пред Првата светска војна. Во меѓувоениот период, но и по Втората светска војна, Чехословачка беше еден од водечките светски извозници на оружје, а извозот на воена опрема сочинуваше до десет проценти од вкупниот извоз.

Распадот на Чехословачка во 1992 година доведе до поделба на воената индустрија: производството на тенкови и тешка машинерија остана во Словачка, додека индустриите за лесно оружје, муниција, радарски системи и производство на авиони останаа во Чешка.

По руската инвазија на Украина во 2022 година, чешката воена индустрија дополнително го забрза својот раст. Гордоста на чешката воена индустрија, компанијата „Аеро“, разви нов борбен и тренинг авион „Скајфокс“ кој ќе служи за обука на украински пилоти на бомбардерите Ф-16.

Околу 40 проценти од производството на чешките фабрики за оружје е наменето за Украина, каде што се основани и заеднички компании, додека вкупно околу 90 проценти од производството се извезува. Во исто време, побарувачката за чешката армија исто така расте: минатата година, средствата за одбрана достигнаа два проценти од БДП за прв пат.

Со оглед на растот на воената индустрија, приходите на сопствениците на воените компании исто така значително се зголемија. Така, Михал Стрнад, сопственикот на концернот „Чехословачка груп“, речиси го дуплираше своето богатство од минатата година – од 5 милијарди евра на 9 милијарди евра.

Неговата компанија, покрај производството на муниција, е сопственик и на производителот на воени возила „Татра“, во кој моментално работат околу 14.000 луѓе.

За споредба, најголемиот производител на автомобили во земјата, „Шкода Ауто“, во сопственост на концернот „Фолксваген“, вработува околу 20.000 работници во својата главна фабрика во Млада Болеслава. Сепак, поради преминот кон поедноставно производство на електрични автомобили, во иднина се очекува намалување на бројот на вработени.

Чешките агенции за вработување веќе предвидуваат дека голем дел од овие работници лесно ќе најдат работа во воената индустрија, без потреба од значителна преквалификација.

Слични содржини