Оружјето што го користел монструмот во Прага било користено и од други сериски убијци

од Radmila Tasevska
355 прегледи

Експертите за оружје тврдат дека Давид Козак за време на масакрот на универзитетот во Прага користел оружје слично на она што го користеле повеќето масовни убијци во САД.

Станува збор за вид пушка која се наоѓа на границата меѓу спортско и воено оружје, а која е дури и забранета во некои сојузни држави во САД.

Според достапните информации, стрелецот користел пушка АР-10. Не пука автоматски, туку полуавтоматски, односно толку брзо колку што стрелецот ќе го повлече чкрапалото.

Ова оружје може легално да се купи и во Чешка со дозвола за огнено оружје издадена од државата. Слични пушки, особено типот АР-15, користеле масовни убијци во САД. Тоа е во суштина најразорното оружје што еден цивил може легално да го набави.

Експертите проценуваат дека Давид Козак при нападот на универзитетот употребил разорна ловечка муниција 308 Винчестер, која е многу прецизна и има голема разорна моќ.

Искористените проектили имаат центар на гравитација наназад, па затоа се повеќе склони кон отклонување. Тоа значи дека при ударот, тие можат да создадат кратер со поголема површина отколку што одговара на нивниот калибар.

Да потсетиме, на Филозофскиот факултет на Карловиот универзитет на плоштадот Јан Плаха во Прага вчера се случи пукање во кое загинаа 14 лица, а 30 беа повредени, додека напаѓачот е убиен.

Полицијата објави снимка од потерата по убиецот.

Чешката полиција соопшти и дека таткото на осомничениот за пукањето, вчера бил пронајден мртов.

Минатиот петок, со истото оружје Козак во близина на неговата куќа застрелал довмесечно бебе и нејзиниот 32- годишен татко. Според полицијата, куршумите одговараат на пушката со која студентот по историја со психички проблеми, направи масакр на Универзитетот на кој што студирал.

Слични содржини