Пресудата за случајот „Јавна соба“ е разочарувачка, несоодветна и апсолутно не оддава впечаток дека институциите во оваа земја стојат јасно и недвосмислено на страната на жртвите на родово базираното насилство. За жал, веќе гледаме кој е резултатот на ваквото (не)постапување: уште една група од ист вид, каде уште толку девојчиња и жени ќе бидат жртви на сексуално вознемирување, вели во разговор за „Локално“, Калиа Димитрова, уредничка на феминистичка платформа „Медуза“ и поборник за женски права, откако деновиве на Телеграм осамна уште една група насловена како „Јавна соба-резерва“ каде се разменуваат аудио и видео снимки, фотографии, телефонски броеви и место на живеење на жени, девојки и девојчиња, кои потоа се вознемирувани од мажи.
Навратувајќи се на предходниот случај со Јавна соба каде креаторот на групата Дарко Костовски и нејзининот администратор Михаил Паневски добија четири години затвор за достапна содржина – аудиовизуелен материјал, детска порнографија, таа смета дека оваа пресуда, не допринела директно до појава на новата група, но тврди дека со минимизирањето на казната, како и несериозноста на овој случај, се охрабрува сексуалното насилство и вознемирување, во било која форма.
– Пресудата, како што знаете, се однесува на само едно од извршените дела, односно производство и дистрибуција на детска порнографија, и предвидена е казна пониска од законски предвидениот минимум, што е навистина разочарувачки. Но, тоа што дополнително вознемирува во оваа пресуда е пропуштената можност на институциите да застанат на страната на сите жртви, како малолетни така и полнолетни, и да покажат свесност и спремност да се борат против родово базираното насилство, па и на некој начин да постават песедан кога станува збор за сексуално вознемирување онлјан. За жал, со оваа пресуда, тие го направија токму обратното. Замислете, осудени се само двајца од илјадници насилници кои учествуваа и очигледно продолжуваат да учествуваат во организирано сексуално насилство. Каква порака им праќа тоа на жртвите? Беа потребни две години, два протести, безброј апели и акции, за да почне навистина да се работи на овој случај, но со кој резултат? Насилството секако цвета ако е системски потпомогнато, охрабрено, поттикнато, или пак, игнорирано, вели таа.
Според неа, жртвите не ги пријавуваат ваквите злосторнички дела бидејќи прстот од општеството веќе е вперен кон нив.
– Од таа позиција и од тој третман, а особено по оваа пресуда, неблагодарно е било каков терет за пријавување да се става на грбот на жртвите на овие видови насилство, за кои вината најчесто се бара кај жртвите, наместо кај насилниците, со изјави од типот „што барала да се слика гола“. Но и многу навидум безопасни коментари и совети како „девојчињата треба да внимаваат што објавуваат и праќаат„ не одат во насока на решавање на проблемот, туку исто така ја префрлаат вината кај жртвите, децидна е Димитрова.
Од друга страна, според поборничката за женски права, колку и да сака и настојува за пријавување на сексуално насилство, не ги обвинува жртвите, напротив, целосно ги разбира.
– Институциите и генералниот дискурс поврзан со темата, ни праќаат недвосмислена порака дека нашите трауми поврзани со сексуално насилство и вознемирување се наважни, непостоечки и невидливи. Реалноста е дека во една таква ситуација, ви се заканува можност да ја загубите работата, пријателите, почитта, статусот, итн., а насилникот ретко кога ќе биде казнет, додава Димитрова.
Сè поголемата изложеност на интернет и мрежите за комуникација (и од сè порана возраст), продолжува таа, подразбираат и повеќе опасност и можност за злоупотреба на децата, а поради тоа потребно е образовниот систем да обрне внимание и на овој аспект од животот на младите, кој е еднакво важен и реален, колку било кој друг аспект.
– Дополнително, недостатокот од сеопфатното сексуално образование е евидентен и во ова поле. Сеопфатно сексуално образовние, кое доколку е спроведено правилно, би им помогнало на младите да ја разберат и прифатат својата сексуалност, своето тело, би ги охрабрило и поттикнало да се почитуваат себеси и другиот, и би ги научило како да бидат внимателни во изборот на интимните партнери и секако во содржините кои ги споделуваат на социјалните мрежи, а кои би можеле да бидат злоупотребени, вели Димитрова.
Смета дека проблемот е длабоко вкоренет во патријархалната и насилничката култура во која живееме и баш поради тоа не може да се реши со бришење на една група, а уште помалку со пресуда која игнорира десетици сторени дела.
– Ова е проблем на сексуално и родово-базирано вознемирување и насилство, чии корени се наоѓаат во родовите стереотипи, ревиктимизацијата, неказнувањето на сексуалните насилници и предатори и ред други општествени „традиции“ кои мора да се решаваат сеопфатно во сите надлежни институции, во семејствата и секако училиштата. Но, кога станува збор за поконкретни чекори што всушност можат да направат промена во животите на девојките и жените на краток рок е итно изгласување на измените во Кривичниот законик заради целосна хармонизација со Истанбулската Конвенција и промена на Законот за кривична постапка и негова целосна синхронизација со Истанбулската Конвенција. И секако, пресуди кои би ја вратиле вербата во правда за девојките и жените жртви на насилство, истакна уредничката на феминистичката платформа „Медуза“.
М.А.