Оштетени штедачи: Еуростандард банка се затвори поради математичка операција

372 прегледи

Постојан разни видови на мрежи како пајакова мрежа, компјутерска мрежа, продажна мрежа, патна мрежа. Во грабежот на Еуростандард банка постои криминална мрежа составена од лицата на раководни позиции во банката, потоа мноштво избрани фирми кои добивале непокриени кредити со план да не се вратат украдените пари, како и водечкиот тим на Народна банка со првиот човек во неа.

Еуростандард банка се затвори поради математичка операција за пресметка на стапка на адекватност на капиталот на банката во којашто операција недостасуваа само неколку милиони евра од акционерите. Меѓутоа, Еуростандард банка пропадна поради огромниот грабеж во банката оркестриран и спроведуван со години од претседателите на надзорниот, кредитниот и управниот одбор и нивни блиски соработници во банката и надвор од неа. Се работи за речиси 60 милиони евра непокриени кредити доделувани со трансакции преку смислена мрежа на избрани фирми и со цел да се прикрие трагата на украдените пари.

Јавно слушнавме дека мрежата на фирми вклучена во криминалот е поголема од таа којашто е наведена во извештајот за банката подготвен од стечајниот управник Душко Тодевски. Во тој извештај се наведени 149 фирми кои не платиле ниту една рата од добиените кредити со месеци или години, а чиишто кредити со право се водат како сомнителни и спорни и поради други основи како што се и малите гаранции за големите земени кредити. Тоа значи дека позади наведената листа односно мрежа на фирми постои и позадинска мрежа на други фирми клиенти на банката. Раководните лица во банката, оние кои го иницирале и спровеле грабежот на нашите депозити, направиле криминални шеми преку кои разни избрани фирми добивале пари од банката во форма на краткорочни позајмици кои легнувале на нивни сметки преку трансакции од други фирми кои потоа станале должници на банката. Така направените краткорочни позајмици во голем дел не се вратиле и поради свесно згаснување на тие позадински фирми или нивно носење во стечај. Таков е примерот и со фирмата на вујкото на директорот на банката Николче Петкоски, преку која фирма од банката биле пласирани повеќе од еден милион евра на позадински фирми како краткорочни позајмици во повеќе наврати. Меѓутоа, најголем дел од тие пари никогаш не се ни вратиле. Ова значи дека грабежот на банката не е само од фирмите кои се наведени во извештајот од стечајниот управник туку постои поголема позадинска мрежа на фирми кои никогаш не ги вратиле краткорочните позајмици, а кои ги добиле на крајно нелегален и криминален начин. Сите овие сопственици или управители на избрани фирми кои учествувале и свесно придонеле за грабежот на нашите депозити се директни соучесници во организираниот криминал.

Од друга страна, Трифун Костовски, главниот сопственик и долгогодишен претседател на надзорниот одбор на банката е најекспонираната личност во медиуми, човекот кој е носител на криминалот, а сега во улога на жртва. Пред неколку дена јавно објави и граѓанска непослушност откако од судот била одбиена неговата жалба за замрзнатиот имот и воедно најави дека нема намера да поминува низ судски постапки. Со години потпишувал и одобрувал непокриени кредити на избрани фирми, особено на оние со високи суми во стотици илјади или милиони евра, а сега се правда дека незнаел и невидел. Тоа е класична злоупотреба на службена должност и овластување за која тој, претседателот на кредитниот одбор и негов син Коста Костовски и директорот на банката Николче Петкоски ќе мора да се соочат со правдата и да одговараат за ова и други нивни сторени кривични дела во организираниот криминал на Еуростандард банка.

Гувернерката Бежоска и нејзиниот тим во Народна банка се третата алка во овој организиран криминал. Тие молчеле и слепо гледале како криминалот се случувал во банката додека со години масовно и свесно се делеле нашите пари со избраните фирми. Нивното молчење и слепо гледање значи наше целосно губење на парите, а нивно соучество во организираниот криминал.

Тоа е таа мрежа на организиран криминал во Еуростандард банка. Едни организирале и делеле, други мижеле и молчеле, а трети ги прибирале парите за да потоа одлучат што да прават со нив. По се изгледа добар дел од тие избрани фирми се веќе затворени или во постапка на стечај, а во меѓувреме сигурно се подготвуваат и останати фирми од криминалната мрежа да го следат истиот пример.

Дали државата ќе се погрижи за своите оштетени граѓани и фирми, ќе ја казни неправдата и ќе ја донесе правдата веднаш или ќе продолжи да молчи и слепо да гледа како се мачиме и поминуваме низ агонија која ваквиот случај со себе ја носи!? Или пак ќе смета на нас само кога плаќаме даноци и кога гласаме на избори! За доброто на сите, и ние што сме оштетени и останатите сограѓани кои ги гледаат нашите маки а кои имаат депозити во други банки, да покажеме дека сме држава која има волја и капацитет да разреши организиран криминал од ваков голем калибар.

Од директорот на Управата за финансиска полиција Арафат Муареми, на телевизиско интервју се спомена дека и други две до три банки практикуваат слични постапки како и Еуростандард банка меѓутоа користат заложно право и се под нивна тековна истрага. Народна банка, како по обичај, се произнесе дека незнае ништо за овие случаи. Да се надеваме дека нема да биде толку лошо за депонентите како што е во случајот со Еуростандард банка.

Времето за ваше делување е сега!

 

 

 

 

Слични содржини