Оштетени штедачи: Кога конечно ќе почне разрешувањето на криминалот на Еуростандард банка?

од Vladimir Zorba

„Со укинување на неуставниот член 163 став 3 од Законот за банки, Фондот за осигурување на депозити го изгуби статусот на доверител, а потоа и првенството во наплата од стечајната маса пред сите други доверители во времето кога Фондот беше доверител. Со тоа, се појави правна празнина за која Владата донесе одлука да што поскоро припреми и предложи измени и дополнувања во Законот за банки кои треба да ја решат истата. Се разбира, во корист на граѓаните и фирмите депоненти кои како оштетени, согласно Устав, неможат да добијат полошо законско решение од тоа што сега го имаат. Новите очекувани законски измени за веќе започнатите стечајни постапки, како што е стечајот на Еуростандард банка, не треба да содржат одредба со која Фондот за осигурување на депозити ќе биде дефиниран во ист ред на намирување со другите доверители. Тоа е од причина што депонентите – правни лица воопшто не се обештетени од страна на Фондот. Со тоа, Фондот не може да биде во ист ред на намирување со правните лица. Доколку се понуди такво ново законско решение, тоа би било противуставно, правните лица доверители повторно би биле ставени во позиција на нееднаквост и дискриминација, а повод за укинувањето на неуставниот член 163 став 3 од Законот за банки беше токму таа нееднаквост и дискриминација на правните лица. Одлуката на Уставниот суд е со напатствија да се почитува начелото на еднаквост, но со тоа не се мисли само на доверителите да бидат во ист ред на намирување во стечај, туку пошироко од сите аспекти на еднаквоста“, велат денеска од здружението на Оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„За изготвување на новите законски измени во Законот за банки, за идни случаи на стечаи на банки, согласно начелото на еднаквост треба да се има во предвид дека прво треба да се донесат измените во Законот за Фонд за осигурување на депозити, правните лица да се обештетуваат од страна на Фондот, а после да се донесат законските измени за редоследот на наплата на Фондот во стечајна постапка над банка.

Сумарно, тоа би значело дека не може да се донесе едно законско решение за веќе започнатите стечаи на банки, како што е за Еуростандард банка, и за идни случаи на стечаи на банки, од причина што има различна правна ситуација во двата случаи. И тоа врз основа на начелото на еднаквост како начело предвидено во одлуката на Уставниот суд, со којашто се укина неуставниот член 163 став 3 од Законот за банки. Фондот веќе не е доверител во стечајната постапка на Еуростандард банка и нема законска основа да побарува намирување од стечајната маса.

Проблемот со ограбената Еуростандард банка е проблем и на Владата. Народна банка е државен орган, контролор и регулатор на банкарскиот сектор, која дозволила да се крадат нашите пари со години, а реално можела тоа да го сопре и спречи на време, но не го направила тоа.

Оттука, очекувањата на Здружението „Правда за штедачи” е да измените и дополнувањата во Законот за банки, во случајот со започнатиот стечај на Еуростандард банка, бидат такви да Фондот за осигурување на депозити биде дефиниран како доверител, со редослед на исплата на побарувањата веднаш после физичките и правни лица депоненти на банката. Тоа е единствено правно издржано и можно решение кое е во согласност со одлуката на Уставниот суд и со коешто, согласно Устав и закон, се решава ова горчливо прашање со наплата на побарувањата на депонентите, физички и правни лица, од стечајната маса.

Да потсетиме и дека поминаа повеќе од десет месеци од затворањето на ограбената Еуростандард банка. Извештајот за банката од стечајниот управник Душко Тодевски потврдува дека со години не се почитувале никакви правила за кредитирање, ниту пак критериуми за одобрување на кредити според кредитната политика на банката, ниту се правела кредитна анализа врз основа на веродостојни документи. Тоа го потврдува и фактот што 73 отсто од портфолиото за кредити на правни лица е во најлоша категорија, таканаречени спорни и сомнителни кредити односно ненаплатливи или тешко наплатливи. Повеќе од половина од вкупниот број на правни клиенти во банката или 149 фирми имаат такви ненаплатливи кредити чиишто вкупен износ е околу 55 милиони евра. Без никаков сомнеж, кредитите се делени на вересија за да не се вратат односно најверојатно да се поделат со оние кои истите ги доделиле, а таквиот грабеж бил толериран и дозволен од Народна банка како високо поставена државна институција. На основа на сите досегашни истражувања, докази и изјави во јавноста, сега е веќе повеќе од јасно и сигурно дека грабежот на депозитите е направен свесно и плански од раководните лица во банката со нивни соработници. На документите за одобрените ненаплатливи кредити стојат нивните потписи.

Вистината преку факти излегува на површина. Цврсто сме убедени и веруваме дека ќе победиме во нашата борба. А борбата продолжува за правдата на ограбените и казна за криминалците. Од таа борба нема да отстапиме се до крајната цел!“, додаваат оттаму.

Слични содржини