Оштетени штедачи: Правото е на наша страна, правдата на крајот ќе победи

од Vladimir Zorba
308 прегледи

„Во пресрет на седницата на Уставниот Суд во четврток, 15-ти април, на која како точка од дневниот ред е ставено гласањето по иницијативата за оценка за уставноста и законитоста на член 163 став 3 од Законот за банки, Здружението на оштетени физички и правни лица од Еуростандард Банка „Правда за штедачи”, по пат на ова соопштение сака, по којзнае кој пат, јавно да изрази надеж во владеење на правото и заштита на темелните вредности на оваа држава заштитени со Уставот. Воедно, Здружението „Правда за штедачи” најавува и дека преку организиран собир на своите членови на денот на гласање по инцијативата пред Уставниот Суд јавно ќе ја изрази поддршката на уставните судии за носење на очекуваното правично и праведно решение во овој случај“, велат од Здружението на оштетени штедачи на Еуростандард банка.

„Членовите на Здружението се длабоко убедени дека правото е на нивна страна и дека правдата на крајот ќе победи. Во таа смисла, Здружението повторно ги повикува судиите на Уставниот Суд, при одлучувањето да се концентрираат само на Уставот и законите, бидејќи само тоа може да гарантира дека ќе донесат одлука со која ќе ги потврдат заложбите за владеење на правото и нема да подлегнат на притисоците кои доаѓаат од разни страни судот да одлучува според некои други критериуми и преку погазување на правото, да заштити нeчии интереси, поединечни или групни, интереси на разни бизнис или банкарски лоби групи или можеби политичко-партиски интереси. Затоа, нашиот апел до судиите на Уставниот Суд е – Уставот и законите пред се! Само тоа е гаранција за нивната независност и непристраност, но во исто време и гаранција за стабилноста и сигурноста на политичкиот и економскиот систем како целина.

Во таа насока, кратко би сакале да го изнесеме нашиот став во врска со поднесената иницијатива.

Прво, со член 163 став 3 од Законот за банки, Фондот за осигурување на депозити е утврден како доверител со приоритетно право за наплата во однос на сите други доверители во случај на стечај на банка. Меѓутоа, Фондот за осигурување на депозити врши обештетување само на депозити на физички лица до 30.000 евра, додека правните лица не се обештетени по ниту еден основ, иако според Законот за спречување на перење на пари и финансирање на тероризам, платниот промет се обврзани да го вршат преку банка. Во Еуростандард банка „заглавени” се околу 2.000 правни лица. Според „рамноправноста” во вака поставената законска регулатива, во случај на стечај, правните лица со своите „заглавени” средства го финансираат Фондот иако од него не добиле ниту денар.

Второ, нееднаквоста што ја продуцира член 163 став 3 од Законот за банки не се манифестира само кај правните лица. Таква нееднаквост постои и меѓу депонентите- физички лица до и над 30.000 евра. Согласно член 7 од Законот за Фондот за осигурување на депозити, Фондот наплатува премија од членките на Фондот најмногу до 0,7 отсто годишно од вкупните депозити на физичките лица во секоја банка и штедилница. Според оваа одредба, оние што имаат поголеми депозити, реално плаќаат поголем износ на премија, но затоа, кога ќе се случи ризичен настан физичкото лице депонент до 30.000,00 евра е целосно обештетен, додека оној со 300.000 евра добил само 10 отсто. Еднаквост? Тешко дека така може да се нарече.

Трето, Здружението „Правда за штедачи” смета дека нема издржано образложение за законска еднаквост во случај на ризичен настан со ликвидација или стечај на банка, бидејќи членот 163 став 3 од Законот за банки е класичен пример за одредба која генерира нееднаквост.

Четврто, депонентите физички лица до и над 30.000 евра се нееднакви (едните се целосно обештетени додека другите делумно обештетени) врз основа на нивната имотна положба, што е спротивно на член 9 од Уставот. Правните лица, кои воопшто не се обештетени, се нееднакви според општетствената положба во однос на физичките лица до и над 30.000 евра, бидејќи првите се целосно, вторите делумно, додека третите (правните лица) воопшто не се обештетени, што е спротивно на член 9 и член 55 од Уставот. Сите заедно (првите, вторите и третите) се во подредена позиција во однос на Фондот за осигурување на депозити, односно Фондот има монополска позиција во однос на сите други доверители во стечајната постапка, што е спротивно на член 55 став 2 од Уставот.

И петто, во сите европски законодавства се прави јасно разграничување меѓу депозит на посебна сметка како пари кои се штедат поради интерес (камата) и пари кои се нашле на трансакциска сметка по други основи (продажба на имот или други права, надомест на штета, судски постапки или примања по основ на плата, пензија, закупнина, дневен промет како и друг приход) и служат за тековно работење на физичките или правните лица. Во Еуростандард банка, голем дел од средствата не се класичен депозит односно биле и на трансакциска сметка на правните и физички лица. Сепак, парите по сите наведени основи при отворање на стечајна постапка се сметаат за единствен депозит, и сите тие пари Фондот ги зема по основ на неговото право на приоритет при обештетувањето, место таквите средства да бидат вратени на нивните сопственици без воопшто да влезат во стечајната маса на банката. Со тоа, сите доверители во стечајната постапка се во подредена позиција во однос на Фондот за осигурување на депозити. Или, сосема јасно може да се утврди дека со членот 163 став 3 од Законот за банки му се овозможува монополска позиција на Фондот преку која сите останати трпат не само нееднаквост, туку и дискриминација.

Не сме уставни судии, но за нас нема дилеми, одредбата од член 163 став 3 од Законот за банки, со која Фондот за осигурување на депозити има приоритет при наплата на побарувањата од стечајната маса, е очигледно неуставна. Затоа, Уставниот Суд треба да ја укине како таква и да ја стави вон сила. Во интерес, не само на оштетените со стечајот на Еуростандард банка кои се сега на удар, туку на многу поширок круг на банкарски клиенти, на кои во иднина може да им се случи истата судбина. И секако, најмногу во интерес на општествената сигурност и правната држава во целина“, додаваат оттаму.

Слични содржини