Претседателката на Косово, Вјоса Османи повика да не се сфаќаат сериозно барањата на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, бидејќи, според неа, тој не е вистински заинтересиран за враќање на Србите во косовските институции, „туку само сака да го привлече вниманието на Западот“, јави дописникот на МИА од Приштина.
Обраќајќи им се на медиумите по денешното свечено отворање на Регионалниот центар за жени, мир и безбедност, Османи го обвини Вучиќ дека „работи зад сцената за да го дестабилизира регионот и да го врати во 90-тите“.
„Убедена сум дека кога Вучиќ зборува за враќање на Србите во полиција, во судството, во парламентот, тој всушност го користи тоа само како реторика за да го оттргне вниманието на демократскиот свет од она што навистина се случува, а што се негови залагања, залагања на неговата влада, на неговата армија во континуираната обука на паравоените сили кои имаат за цел само насилство“, рече Османи.
На крајот на минатата недела Вучиќ повика на реинтеграција на Србите во институциите на Косово, барајќи, меѓу другото, распишување нови локални избори во општините со српско мнозинство на косовскиот север, враќање на Србите во косовската полиција и судството, како и повлекување на специјалните единици на косовската полиција од тој регион.
Османи во изјавата за медиумите повтори дека не верува оти тоа се искрени барања на Вучиќ, но додаде дека самите институции на Косово мора да работат за „сите негови граѓани, без разлика на етничката припадност, да бидат еднакви“.
Стотици членови на српската заедница на север, во ноември 2022 година, поднесоа оставки од косовските институции, вклучително општините, полицијата, судовите и обвинителството.
Ова првично беше реакција на одлуката на Владата на Косово да ги замени српските автомобилски таблички со косовски таблички.
Оттогаш, градоначалниците на општините во Северна Митровица, Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, беа сменети со градоначалници од редовите на партиите на Албанците, откако мнозинската српска заедница во областа ги бојкотира локалните избори.
Порано денеска, косовскиот премиер, Албин Курти барањата на Вучиќ изнесени при неговото обраќање на српската јавност, ги нарече „немирољубиви“ и дел од неговата „агресивна кампања за нови конфликти“.
„Неговите барања, неговите мерки се направени од очај и претставуваат ирационалност и воопшто не се мирољубиви, туку се дел од агресивната кампања за нови конфликти за кои несомнено нема место ниту во Косово, ниту во регионот“, рече Курти во неговиот прв коментар на повиците на Вучиќ, кои Европската унија ги поздрави како позитивно движење.