По повод Меѓународниот ден на Бошњаците, во Северна Македонија, кандидатот на Националната алијанса за интеграција за градоначалник на Општина Чаир, Бујар Османи, упати посебни честитки до бошњачката заедница и најави конкретни заложби за зачувување и промоција на босанскиот јазик и култура во Чаир.
„Почитувани браќа и сестри Бошњаци, целата заедница во Чаир, честит Меѓународен ден на Бошњаците!
Денес сакам јасно да кажам: во Чаир ќе го зачуваме босанскиот јазик и вашата култура како дел од нашето заедничко богатство. Поради тоа преземам конкретна обврска, по 19 октомври ќе го формираме Одделот за босански јазик и култура, кој ќе обезбеди еднаква употреба на јазикот и ќе ги поддржи вашите културни иницијативи.”
Османи нагласи дека Бошњаците се неразделен дел од Чаир и дека нивниот придонес низ годините бил значаен за културното и општественото збогатување на општината. Тој изјави дека неговата визија за Чаир не е само административна, туку и културна и развојна.
„Бошњаците се староседелци на Чаир и вашиот придонес ја прави нашата општина поубава и побогата. Но сите ние ги делиме истите проблеми: недостигот на чистота, зелените површини, тешкиот сообраќај и потребата од подобри услови за живот. Поради тоа, ни е потребна промена и нова развојна визија, каде секој ќе биде еднаков и почитуван.”
Тој најави дека со неговата програма за развој на Чаир, приоритет ќе биде подобрувањето на елементарните услови за живот, урбанизацијата, чистотата и инвестициите во инфраструктурата, но и еднаквото почитување на сите заедници.
„Соживотот е столб на нашиот град и јас ќе го бранам со сите средства. Заедно можеме да го претвориме нашето културно и историско богатство во сила за иднината. На 19 октомври ја имаме шансата да го започнеме овој пат заедно!”
Османи ја заврши својата изјава со честитки за празникот и апел за обединување околу визијата за еден поразвиен, почист и поинклузивен Чаир.
„Ви благодарам и уште еднаш, честит празник!”
Оваа заложба на Бујар Османи за формирање на посебен Оддел за босански јазик и култура се гледа како конкретен чекор за зајакнување на мултикултурализмот и правичната застапеност во Чаир.