Османи: Лајчак даде 15 модели, но оној кој го има Косово во моментов е многу подобар

од Stefanija Kuzmanovska
138 прегледи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, изјави дека 15-те модели, кои европскиот пратеник за дијалог Мирослав Лајчак ѝ ги понудил на Приштина, немаат никаква врска со Заедницата на српски општини, туку станува збор за „модели за правата на малцинствата“, а анализа покажала дека најдобриот модел е оној кој го има Косово во моментов.

„Во некои се дадени повеќе права, а во други помалку од она што Косово веќе им го дава на немнозинските заедници. Ги анализиравме сите и има елементи што може да се земат од секој од нив, но би рекла дека најдобриот модел, многу подобар од сите тие 15, е оној кој Косово го има во моментов“, рече Османи, пренесува Kossev.

Според неа, секако треба да се преговара за европски елементи, кои можат да овозможат инклузивност, различност и мултиетничност на Косово.

„Тоа е нашата уставна вредност. Но, од друга страна, ќе отфрлиме нешто што го загрозува функционирањето на демократскиот систем“, рече претседателката на Косово.

Запрашана за одредбата на европскиот предлог што се однесува на српската заедница и СПЦ на Косово, Османи рече дека тоа е „отстапка која Косово ја прифати, но не треба да заборавиме дека фазата на дискусија не е завршена и дека ќе се анализира во анексот за имплементација“.

Решеноста на Косово е преку тој член да им понуди права на малцинските заедници кои се предвидени со инструментите на Советот на Европа и највисоките стандарди на Европската унија, рече Османи и додаде дека тие веќе постојат во Уставот на Косово.

„Подготвени сме да разговараме во рамките на моделот за подобрување на правата на малцинствата. Се разбира без загрозување на уставноста на нашата држава, принципот на унитарен систем и внатрешна функционалност и територијален интегритет и суверенитет“, рече Османи.

Таа изрази сомневање дека Србија ќе се промени во дијалогот со Косово, бидејќи единствениот придонес на Белград досега, како што наведе, е да поставува пречки.

„Очекувам меѓународниот фактор да изврши притисок врз Србија и да ја убеди дека средбата во Охрид е исклучително важна и дека овој договор ќе реши многу прашања кои го отвораат патот за меѓусебно признавање“, рече Османи.

Мирослав Лајчак од вчера е во Белград. Тој денеска ги продолжува разговорите со претседателот на Србија, Александар Вучиќ. Лајчак оствари средба и со дел од опозицијата.

Слични содржини