Османи му ја довери на Албин Курти можноста за формирање нова косовска влада

Одлуката дојде откако косовското Собрание беше конституирано еден ден претходно со изборот на петтиот и последен потпретседател од редовите на српското малцинство.

од Vladimir Zorba
19 прегледи Фото: Фејсбук/Официјален профил на Вјоса Османи

Во саботата, осум месеци по парламентарните избори, косовскиот претседател Вјоса Османи му го довери мандатот за формирање нова влада на лидерот на движењето Самоопределување (Ветевендосје), Албин Курти, кој со месеци ја води сегашната влада во технички мандат.

Одлуката дојде откако косовското Собрание беше конституирано еден ден претходно со изборот на петтиот и последен потпретседател од редовите на српското малцинство.

Османи ја донесе одлуката по официјалниот предлог на движењето на Курти, кое освои најмногу места на изборите на 9 февруари – 48 од вкупно 120 места.

Според Уставот на Косово, Курти има 15 дена да го претстави составот и програмата на идната влада пред парламентот, но аналитичарите во Приштина проценуваат дека можеби ќе има тешкотии да обезбеди мнозинство бидејќи мора да „извлече“ уште најмалку 13 гласа за поддршка за да има минимално мнозинство и 61 крената рака за тимот министри што ги предлага на парламентот, објавува Хина.

Заменик-претседателката на Парламентот и пратеничка од Самоопределување, Албулена Хаџиу, во петокот изјави дека партијата е заинтересирана да најде коалициски партнер за управување со земјата.

Според неа, партијата е отворена за соработка со сите парламентарни партии, како и со претставници на несрпските малцинства, кои имаат десет места во Собранието, а во исто време ги отфрли преговорите со Демократската партија на Косово (ПДК) и Српската листа (СЛ).

Изборот на Ненад Рашиќ за заменик-претседател на парламентот, наспроти предлогот на Српската листа (СЛ), која има девет од десетте мандати што со уставот ѝ се гарантирани на српската заедница во косовското собрание, го вознемири официјален Белград, кој силно ја поддржува СЛ како сестринска партија на владејачката Српска напредна партија.

Српскиот претседател Александар Вучиќ изјави во интервју утрово за провладината кабелска телевизија Информер дека Рашиќ „не претставува никого“, туку е „момче за исполнување на задачи на Албин Курти“.

Демократската партија на Косово (ДПК), која има 24 претставници, претходно изјави дека „нема црвени линии“ кон која било партија.

Демократскиот сојуз на Косово (ЛДК), кој има 20 места, и Алијансата за иднината на Косово (ААК), која има пет места, ја отфрлија можноста за коалиција со Движењето Самоопределување, изразувајќи ја својата подготвеност заедно да формираат влада.

Од друга страна, Социјалдемократската иницијатива (НИСМА) понуди дека со своите тројца претставници би можела да помогне во обезбедувањето на потребното мнозинство од 61 глас, со Самоопределување и партиите на немнозинските заедници.

Доколку Курти не успее да обезбеди 61 глас, претседателот на Косово, Вјоса Османи, мора во рок од десет дена да ги покани партиите на консултации и да го одреди кандидатот кој има најдобри изгледи за формирање влада.

Во случај вториот обид да не успее, според Уставот, претседателот мора да распише нови избори, кои мора да се одржат во рок од 40 дена.

Слични содржини