Османи на средба со Јурате Рагукјене,нерезидентен амбасадор на Република Литванија во С.Македонија

226 прегледи

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи денес се сретна со нерезидентниот амбасадор на Република Литванија за Република Северна Македонија, со седиште во Загреб, г-ѓа Јурате Рагукјене, која во оваа прилика врачи хуманитарна медицинска помош, донација на Владата на Република Литванија за справување со вирусот Ковид 19, а која се состои во скафандери, маски и средства за хигиена.

Министерот Османи се заблагодари за помошта од пријателската Литванија, која е добредојдена во услови на сложената Пандемија, ги реафирмираше блиските односи меѓу двете држави кои датираат уште од 2000 година, преку членството во Вилнус групата, и кои се темелат на решителна солидарност.

Министерот Османи се заблагодари за принципиелната и континуирана поддршка на Литванија за процесот на проширување на ЕУ и во евроинтегративниот процес на Северна Македонија. Нагласи дека и покрај актуелните пречки со кои се соочува, Северна Македонија е определена да истрае на својот пат кон целосна интеграција во Унијата. Беа разгледани можностите за продлабочување на соработката на билатерален план, особено преку размена на искуства во ЕУ преговарачкиот процес и заеднички твининг проекти, соработка со Литванскиот институт за јавна администрација, економската дипломатија, кризен менаџмент и друга експертска помош.

Амбасадорот Рагукјене изрази задоволство од досегашниот развој на пријателските односи меѓу двете земји и ја подвлече заложбата за натамошно продолжување на политичкиот дијалог и интензивирање на соработката во сите области од заеднички интерес. Таа ја повтори поддршката на литванската Влада за продолжување на нашата реформска агенда и што поскоро одржување на првата меѓувладина конференција со ЕУ.

Слични содржини